Инспекција во бродот што пристигна синоќа во Истанбул со украинско жито

Претставници на Заедничкиот координативен центар во Истанбул во среда, во 10 часот по локално време, ќе ја започнат инспекцијата на првиот товарен брод со украинско жито, кој се закотви во близина на Босфор, соопшти Министерството за одбрана на Турција.

Не е прецизирано колку долго ќе трае проверката. Според телевизијата „Си-Ен-Ен Турк“, увидот ќе трае околу два часа.

За време на инспекцијата, претставниците на Турција, Русија, Украина и ОН ќе ги проверат документите на екипажот, карго документите, ќе го прегледаат бродот, а потоа ќе го потпишат конечниот извештај. Целата процедура може да потрае неколку часа.

Истиот ден, доколку претставниците на Здружениот центар немаат забелешки, бродот ќе добие дозвола да плови кон Либан. Патувањето до таму ќе трае 5-6 дена.

Товарниот брод „Разони“ со речиси 27 илјади тони пченка, кој плови под знамето на Сиера Леоне, во понеделникот во 9 часот и 20 минути исплови од пристаништето Одеса, а на 2 август пристигна во Истанбул.