Кинеската народноослободителна армија започна воени вежби коишто вклучуваат и стрелба со боева муниција во водите и воздушниот простор околу островот Тајван, извести во четвртокот кинеската државна телевизија CCTV.
Предвидено е вежбите да завршат во неделата напладне по локално време, се додава во информацијата на телевизијата.
„Народноослободителната армија на Кина спроведе успешна вежба за гаѓање со боева муниција во близина на Тајван“, објави Источната борбена командна зона на кинеската војска на својот официјален профил на социјалната мрежа WeChat.
„Околу 13 часот на 4-ти август во Тајванскиот теснец беа извршени гаѓања на долга дистанца и изведени прецизни удари врз целените области во источниот дел од Тајванскиот теснец, беа постигнати очекуваните резултати“, се додава во објавата на кинеската војска.
Маневрите започнаа во 12 часот по локално време, во 6 часот по македонски и ќе траат до неделата напладне. Се одржуваат во шест области во водите околу Тајван, а Кина претходно ги објави координатите за да се избегне навлегување на бродови или прелети на авиони.
Истовремено тајванското министерство за одбрана соопшти во четвртокот дека тајванската војска ќе продолжи со зголемување на нивото на приправност и соодветно ќе реагира на „непријателската ситуација“.
Кина ги започна насочените воени вежби во зоните околу Тајван оваа седмица како одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси. Тоа за Пекинг претставува нарушувања на кинескиот интегритет и суверенитет, бидејќи го смета островот за своја одметната покраина.
„Тајванската војска внимателно ја следи непријателската ситуација во Тајванскиот теснец и во близина на тајванските острови, а сите нејзини сили спроведуваат дневна обука вообичаено“, се додава во изјавата на тајванското министерство за одбрана.
Во Тајпеј претходно во четвртокот објавија дека се сомневаат дека над тајванските острови летале дронови, како и дека била хакирана интернет-страницата на тајванското министерство за одбрана, ден по посетата на Пелоси.
Кина ја започна уште минатата седмица серијата воени вежби во близина на Тајван како одговор на најавата и подоцна остварената посета на една од највисоките политички фигури во Вашингтон, што претставува отстапување од таквата практика на САД по 25 години..
Некои од кинеските воени маневри ќе се одржат во рамките на морскиот и воздушниот простор на островот од 12 наутички милји од Островот, што никогаш претходно се нема случено, според министерството за одбрана во Тајпеј.
Висок функционер во тајванското министерство за одбрана го опиша кинескиот потег како „еднаков на поморска и воздушна блокада на Тајван“, а Кинеското биро за тајвански работи објави дека „нашето казнување на заговорниците на независноста на Тајван, надворешните сили, е разумно и законитео“,