Осум месеци трае предистрагата за „Беса транс“

Предистрагата на Јавното обвинителство и Обвнителството за гонење на организиран криминал за несреќата во која во Бугарија на 23 ноември 2021 година загинаа 45 патници во автобусот на „Беса транс“ и натаму трае. Се истражува како овој автобус десетина пати ја поминувал државната граница без соодветна документација. Во предистрага е и тоа дека станицата за технички преглед „Виа комерц“ во Сарај, каде автобусот на „Беса транс“ поминал технички преглед, работела со низа нерегуларности.

Од октомври 2020 до 23 ноември 2021 година автобусот на „Беса транс“ повеќе од 120 пати излегол од државата преку неколку гранични премини со фалсификувани документи.

Од Јавното обвинителство за овој случај постојано одговараат дека по проверка на сите факти и околности ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Во мај годинава Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска отвори предистражна постапка во врска со постапувањето на Министерството за внатрешни работи за решението со техничкиот преглед на станицата „Виа комерц” каде бил сервисиран автобусот на „Беса транс” кој изгоре во Бугарија. Од обвинителството испитуваат зошто во МВР со месеци се чувало во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц”, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс”.

Станицата „Виа комерц” била затворена веднаш по трагедијата во Бугарија, иако пропустите во работата биле откриени повеќе од три месеци претходно. Решението за забрана за работа е потпишано од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 26 ноември 2021 година, три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс” во Бугарија. „Виа комерц“ во меѓувреме и натаму функционира, ама под друго име.

Предметот е во предистражна постапка – ова е засега единствената официјална информација од ЈО.