Законот за забрана на прекинот на бременоста стапи во четвртокот на сила во уште три американски сојузни држави, дополнително ограничувајќи го пристапот до абортус во САД, два месеци по историската одлука на Врховниот суд да ја укине пресудата за важност на целата територија на земјата и тоа право да им го врати на сојузните држави.
Тенеси, Тексас и Ајдахо, каде што на власт се републиканските гувернери, им се придружија на десетината други сојузни држави кои донесоа привремени забрани имајќи ја предвид одлуката на Врховниот суд на САД.
Врховниот суд, во кој конзервативните судии се шест наспроти тројца неолиберлани блиски на демократите, на 24-ти јуни го укина преседанот донесен со пресудата во случајот „Ро против Вејд“ од 1973 година со кој тогашното демократско мнозинство во Врховниот суд го легализираше абортусот во целите САД.
Оваа одлука, историска победа за конзервативното движење кое со децении се застапува за забрана на абортусот, создаде политичка бура и прашањето за прекин на бременоста го доведе во фокусот на кампањата за изборите за Конгресот на средината од мандатот, кои треба да се одржат во ноември.
По поништувањето на споменатата пресуда, 13 сојузни држави го забранија или значително го ограничија пристапот до абортусот, наведува институтот Guttmacher кој се залага за пристап до контрацепцијата и прекинот на бременоста. А весникот The Washington Post пишува дека сега на 21 милиони жени имаат ограничен пристап до абортусот, и мора за такви медицински услуги да патуваат во сојузните држави каде тој е легален.