Власта е оптимист дека ќе добие поддршка и од пратеници од опозицијата кога ќе дојде време да се гласа за уставни измени во Собранието.
– Нашите секојдневни контакти со опозициски пратеници ми влеваат оптимизам дека тие ќе го поддржат тоа и гледаме веќе развивање на едно проевропско крило и во опозицијата, што ме радува многу, затоа што имаме потреба од опозиција која што е евроатлантски ориентирана, посебно во овие предизвикувачки времиња за државата – рече денеска првиот вицепремиер Артан Груби одговарајќи на новинарски прашања.
Тој смета дека во опозицијата „ќе надвладеат прогресивните над регресивните сили“.
– Јас сум апсолутен оптимист. Имаме поддршка од сите проевропски сили во однос на европскиот пат и уставните измени. Сѐ уште зборуваме македонски, јас зборувам македонски, никој не нѐ асимилираше и бугаризираше, тоа беше лажна вест. Исто како што беше лажна вест Тиранската платформа, дека сите ќе мора да учат албански. Реалноста е дека македонскиот јазик е официјален и ќе биде официјален во ЕУ – рече Груби и додаде дека е време да се ослободат сите политички партии од регресивни начини на функционирање и да дадат поддршка.
И премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека пратениците ќе бидат на висината на својата задача и дека кога ќе дојде времето, ќе донесат државничка одлука.
– Што се однесува до Уставот, ние сме мултиетничка, мултикултурна функционална демократија, ние сме Европа во мало, нашата сила како земја се различностите кои нѐ прават автентични и тоа што сме денес. И на тоа сме особено горди. Отворањето на Уставот и внесувањето на повеќе делови од народи кои живеат во Северна Македонија, покрај оние кои веќе се во Преамбулата, ќе значи само потврда на нашата определеност да креираме општество во кое сите имаат еднакви можности за развој. Јас сум убеден дека пратениците ќе бидат на висината на својата задача и дека кога ќе дојде времето, ќе донесат државничка одлука – рече Ковачевски во интервју за српска „Политика“ што е објавено денеска.
Како што е познато, внесувањето на Бугарите во Уставот е дел од Преговарачката рамка и услов за суштински почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.