Серафимовски: Неконтролираната дисперзија доведе до пад на квалитетот на високото образование

Најголемото и нагло паѓање на квалитетот на високото образование е направено со неконтролираната дисперзија. Имаме 25 универзитети. Од квалитет, што не беше лош, ние направиме неквалитет, смета проф. д-р Тодор Серафимовски, претседател на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.

Во интервју за МИА тој вели дека за да се споредуваме со универзитетите рангирани на Шангајската листа, треба да прашаме каде се нашите финансирања и каде е нашата држава по процентот на издвојување во високото образование, дури и меѓу балканските земји, не само меѓу европските.

-Ако тргнеме колкави се платите на редовните професори, колкави се издвојувањата за нови технолошки програмски потреби на универзитетите, издвојувањето за научно-истражувачка дејност во последните 30 години не се помрднало. Тоа е многу малку и тоа не нуди прогрес, туку живуркање, рече Серафимовски.

Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност беше формиран во јуни 2021, согласно Законот за високо образование од 2018 година. Во изминатиот период, 15-члениот Совет работи на подзаконските акти и на нови правилници, усогласени со европските директиви, по кои треба да работат одборите за акредитација и за евалуација. Правилникот за евалуација е донесен и веќе е во тек конкурсот за надворешни експерти што ќе бидат вклучени во евалуација на домашните универзитети. Но, правилникот за акредитација сѐ уште не е донесен поради тоа што тој одбор не одговорил на забелешките од Советот.

Двата одбора, кои се во составот на Агенцијата за квалитет на високото образование, не ја исполнуваат и нивната законска обврска, вели Серафимовски, да доставуваат шестмесечни извештаи до Советот кој (заедно со МОН) е првостепена контрола на нивната работа.

-Првостепената контрола сме ние, но Владата треба да си востанови друга, контрола треба да има од инспекциските служби во државава. Основно е да дадат извештаи до Националниот совет, што им е законска обврска, а не ги пуштаат. Ние не сме волк или лав еден на друг, туку сме формирани со иста цел, но како да направиме соработка? Како ќе дојдеме побрзо да квалитет во високото образование ако ние меѓу себе не се почитуваме?, вели Серафимовски во интервјуто.

Тој беше член на Одборот за првата евалуација на УКИМ спроведена во 2006 година. Има над четири децении професорска кариера во областа наоѓалишта на минерални суровини – на УКИМ, а од 2007 на УГД-Штип.