Иран бара завршување на истрагата на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) при Обединетите нации за неговите нуклеарни активности, покрај другите гаранции за да заживее нуклеарниот договор од 2015 година со шест светски сили, соопштија во понеделникот од Техеран.
„Завршувањето на истрагата на агенцијата е дек од гаранциите кон кои тежнееме за одржлив и траен нуклеарен договор“, изјави Насер Канаани, портпарол на иранското министерство за надворешни работи, прес-конференција која ја пренесуваше државната телевизија.
Техеран минатата седмица го испрати својот најнов одговор на нацрт-текстот на Европската унија за заживување на нуклеарниот договор од Виена постигнат пред седум години. Според нацртот, Иран би морал да ја ограничи својата нуклеарна програма за САД да ги повлечат повторно воспоставените економски санкции откако Вашингтон еднострано во 2018 година се повлече од договорот. Санкциите ги ограничуваат и земјите потписнички на договорот, особено од Европската унија во трговијата со Иран, како и други земји од ОН.
Иранското барање, кое САД го отфрлаат, ги загрозува шансите за спасување на договорот. По речиси годишното индиректно преговарање меѓу Техеран и Вашингтон, во март се чинеше дека ќе биде постигнат договор за заживување на виенската спогодба.
Меѓутоа, преговорите беа запрени во прв ред поради иранското барање САД да гарантираат дека ниедна следна претседателска администрација нема да ги врати санкциите, што Вашингтон одбива да ги даде, како и барањето IAEA да ги запре истрагите за траги од ураниум кои наводно се пронајдени на три непријавени локации пред повторното заживување на нуклеарниот договор.