Британската кралица Елизабета Втора е под медицински надзор во Балморал, откако лекарите се загрижија за нејзиното здравје, соопшти денеска Бакингемската палата, пренесува Би-би-си.
„По дополнителна проценка утринава, лекарите на кралицата се загрижени за здравјето на нејзиното височество и препорачаа таа да остане под медицински надзор“, се вели во соопштението.
Соопштението доаѓа откако 96-годишната кралица во средата се повлече од Тајниот совет, кога лекарите ја советуваа да се одмори.
Поранешниот кралски дописник, Ричард Самнер, за Би-би-си вели дека внимателната формулација на изјавата на палатата сугерира оти „веројатно се случува нешто сериозно“.
„Палатата секогаш дава кратки, благи изјави и затоа уште од почетокот се сомневав дека тоа е нешто повеќе од проблем со движењето“, рече тој.
Според Самнер, заедно со напредувањето на возраста на кралицата, може да постојат и други покомплицирани медицински проблеми.
„Кога имате 96 години, се разбира, не можете да очекувате да имате здравје на 25-годишник. Се надевам дека ова е минлива бура што може да се надмине, но мислам дека, судејќи според внимателната формулација на палатата, веројатно се случува нешто сериозно“, вели тој, додавајќи дека се чини дека „нејзиното тело се откажува од неа“ – иако не е јасно „на кој начин или колку лошо“.
Кратко откако Бакингемската палата ја објави информацијата во врска со здравствената состојба на кралицата Елизабета Втора, на Твитер се огласи британската премиерка, Лиз Траз, која посочи оти целата земја е длабоко загрижена од оваа вест.
„Целата земја е загрижена од веста за здравјето на кралицата. Моите мисли – и мислите на луѓето низ нашето Обединето Кралство – се со нејзиното височество Кралицата и нејзиното семејство во овој момент“, стои во објавата на Трас на Твитер.
The whole country will be deeply concerned by the news from Buckingham Palace this lunchtime.
My thoughts – and the thoughts of people across our United Kingdom – are with Her Majesty The Queen and her family at this time.
— Liz Truss (@trussliz) September 8, 2022
Набргу по објавената информација за состојбата на кралицата беше соопштено дека принцот Чарлс и принцот Вилијам се упатиле кон Балморал. Потоа беше објавено дека принцот Ендру, вториот син на кралицата, исто така пристигнал во Балморал. По него, таму дојдоа и другите две деца на кралицата – принцезата Ана и принцот Едвард. Кон Балморал се упатија и принцот Хари и неговата сопруга Меган.