10.8 C
Skopje
понеделник, декември 30, 2024

И директорот на ЛАЈКА си поднесе оставка: Арсовска и градот Скопје системски го уништуваат јавното претпријатие

Директорот на Јавното претпријатие за третман на улични кучиња „Лајка“, Воислав Димитровски си поднесе оставка.

Како што вели тој во својот статус на Фејсбук градот Скопје и Данела Арсовска системски ја уништуваат Лајка.

-Почитувани, Пред 10 месеци ја имав честа да бидам назначен како ВД директор на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници Лајка – Скопје. Би сакал да се заблагодарам за безрезервната подршка од здруженијата за заштита на животните, ветеринарната фела, ВМРО- ДПМНЕ и членките на Зелен Хуман Град во изминатиот период.

Јавното претпријатие го затекнав во хаотична состојба без воспоставена структура, со недостаток на соодветен и нецелосно остручен кадар за работа на јавно претпријатие, и со над 70% заробен капацитет на прифатилиштето. Јавното претпријатие беше со затекнат долг од над 10 000 000 денари кој беше направен за година ипол функционирање на претпријатието.

Во 2021 година ЈП Лајка има обезбедено од Град Скопје 20 000 000 денари за потешкотии во работењето, 10 000 000 денари за третман на животни, и дополнително 10 000 000 денари долг кој го остави во јавното претпријатие, вкупно потрошено околу 40 000 000 денари. За 2022 година Град Скопје обезбеди само 20 000 000 денари за ЈП Лајка без обезбедени средства за потешкотии во работењето.

Со ваква скромна финансиска подршка успеавме да го запреме задолжувањето на претпријатието и да вратиме дел од долговите.

Поради недостатокот на подршка од страна на Град Скопје, ЈП Лајка има континуирано блокирани сметки, каснење во исплатувањето на платите, вклучително и во конкретниот месец немаме исплатено плата на вработените поради непрефрлени средства од Градот кон ЈП Лајка за извршени услуги.

Град Скопје со ребалансот на буџетот во 2022 година обезбеди 10 000 000 денари за ЈП Лајка за потешкотии во работењето, за кои веќе втор месец не се обезбедува мнозинство во Советот на Град Скопје да се доделат средствата на ЈП Лајка со цел да може да се врати во функција претпријатието и да врати веќе доспеани долгови. ЈП Лајка за остатокот од 2022 година има останати обезбедени средства од Град Скопје само 1 900 000 денари која е доволно да се исплатат само плата и комунални трошоци на претпријатието за само 1 месец, без финансии за храна лекови и потрошен материјал.

Во изминатиот период ЈП Лајка поради тоа што нема финансиски средства за основно функционирање, правеше акции за донации со цел да не се прекине воспоставеното темпо на работа за реализација на програмата и спроведување на хуман третман кај животните. Изминатиот месец ЈП Лајка функционира главно од донации.

Во ваква тешка финансиска состојба без реална подршка од страна на Град Скопје, како ВД директор на ЈП Лајка заедно со тимот од ЈП Лајка и со несебична подршка од страна на здруженијата и активистите успеавме да го зголемиме капацитетот на третирани кучиња со хуман третман за околу 40%, вдомувањата на кучиња се зголеми за 300%, според податок од МВР на ниво на Град Скопје има намалување на инциденти предизвикани од куче за 20%. Подобрувањето на функционирањето на претпријатието се гледа и во бројот на вдомени кучиња во месец август 2022 година кој изнесува 40 вдомени кучиња во споредба со месец август 2021 година од 0 вдомени кучиња.

Во изминатиот период активно работевме за зголемување на јавната свест за благосостојба кај животните и одговорно споствеништво, реализиравме над 20 кампањи на оваа тема. Подготвена е програма за едукација на младата популација на овие теми, и во фаза е броење на кучиња во рамки на Градот Скопје со цел да се има правилен пристап при подготовка на програмата и акцискиот план за 2023 година. Сето ова без одвоен денар од буџетот на ЈП Лајка или Град Скопје.

Се надевам дека следниот директор на ЈП Лајка ќе ја ужива довербата на здруженијата на граѓани и активостите, ветеринарната фела и граѓаните како што ја уживав јас, но и од страна на Град Скопје за да се одржи и зголеми темпото на работење. Се надевам дека следниот директор ќе ја подобри работата на претпријатието и нема да го користи јавното претпријатие за сопствени цели, што било слушај во минатото.

До некое подобро утре и отворена можност и реална подршка за ставање под контрола на проблемот со кучињата скитници, стои во неговиот пост на Фејсбук.