Кремљ повика на соработка во врска со инцидентот на гасоводите Северен тек

Кремљ повикува на дијалог и соработка во разјаснување на поединостите за инцидентот на цевководите од гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море крај Данска со цел да се санира ситуацијата додека сѐ уште има истекување, изјави во средата портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

„Се поставуваат бројни прашања. Тука, се разбира, станува збор за ситуација за којашто е неопходен дијалог и бара оперативна соработка на сите страни за што поскоро да се дознае што се случило, да се процени штетата и да се предвидат активностите за надминувањето на ситуацијата. Засега, се разбира, гледаме апсолутно непостоење на таков дијалог“, изјави Песков на редовниот брифинг со новинарите.

Информациите за можни експлозии и саботажа дојдоа по ден и половина по забележување на истекувањето. Европската комисија изјави дека е прерано да се нагаѓа за причината за истекувањето на гасот во двата гасовода наменети за испорака на гасот од Русија во Европа. Кремљ во вторникот не ја отфрли можноста дека оштетувањата на гасоводите Северен тек во Балтичкото Море се предизвикани со саботажа и изрази „крајна загриженост“.

Песков во вторникот посочи дека станува збор за прашање „коешто се однесува на енергетската безбедност на целиот континент“. Според него, „очигледно е дека постои некој вид уништување, и пред да се појават резултатите од истрагата, не може да се исклучат сите опции за тоа што го предизвикало тоа“.

Големи сомневања дека станува збор за терористички чин или диверзија и целосна истрага најавија Европската унија и Европската комисија, а Белата куќа и НАТО понудија соработка во истрагата на своите сојузници во чии води се случи инцидентот.

Ноќта кон понеделникот „Nord Stream 2“, операторот на гасоводот Северен тек 2, наполнет со гас но сѐ уште не пуштен во функција, објави дека дошло истекување на гасот во близина на данскиот остров Борнхолм, придружено со остар пад на притисокот во цевководот. Набрзо и операторот „Nord Stream“ извести дека е забележан пад на притисокот на двата цевковода од гасоводот Северен тек 1 преку кој гасот се транспортира од Русија во Германија, односно Европа.

Данските и шведските власти објавија дека се откриени истекувања на гасот од Северен тек 1 североисточно од Борнхолм и едно од Северен тек 2 југоисточно од островот. Три големи истекувања регистрирани во понеделникот рано утрото се видливи на површината со пенење на морето во радиус од 200 метри до километар.

Неименуван претставник на германските безбедносни служби изјави за агенцијата Bloomberg дека „доказите укажуваат на тоа дека станува збор повеќе за насочен чин отколку за технички проблем“. Сеизмичките агенции на Шведска, Данска и Норвешка соопштија дека во понеделникот биле регистрирани подводни детонации во областите на истекувањето на гасот од Северен тек 1 и 2, кои наликуваат на подводни експлозии.

Германскиот дневен весник Tagesspiegel објави во вторникот дека додека губењето на притисокот во трите цевковода меѓу Русија и Германија сè уште официјално се истражува, Берлин повеќе не е убеден дека тоа е случајност и се сомнева дека е „насочен напад“ или од Украина или од Русија. Според весникот, германската влада и агенциите кои го истражуваат инцидентот „не можат да замислат сценарио кое не е насочен напад“.

Во написот се објаснува дека во намерниот напад на дното на морето мора да бидат вклучени специјални сили, морнарички нуркачи или подморница. Берлин, наводно, испитува две можни сценарија. Во првото Украина или „силите поврзани со Украина“ би можеле да стојат зад нападот. Втората опција е Русија да го направи тоа како „лажно знаме“, за да ја обвини Украина и да ги зголеми цените на енергијата во ЕУ.