Вандализиран македонскиот клуб во Благоевград- извадена е буквата „М“

Сѐ уште неофицијално отворен, македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, вчера беше предмет на вандализам од страна на непознат сторител/и на кого му смета сѐ што е Македонско во Република Бугарија. Како што јавија од Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, во текот на вчерашниот ден била извадена буквата „М“ од насловот на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.

Од „Нов Асном“ информираат дека: „Овој чин на вандализам е напад на меѓуетничката толеранција во европска Бугарија, чија влада не ги осудува ваквите акти на меѓуетничка нетрпеливост и со самото тоа се става на страната на чинителите на ваковиот вандалски чин“. Од друга страна, нашата влада, мирно си молчи на агресивната етничка нетрпеливост манифестирана против Македонците во Бугарија, ефективно спроведувајќи го бугарскиот Договор, точката 11, алинеја 5 од истиот. Со тоа, владата на земјата чие име е Северна, се става на страната на тие што ја подгреваат етничката нетрпеливост во Бугарија“.

„Нов Асном“ смета дека негувањето на врските со нашите роднини и пријатели од Пиринска Македонија како и нивно помагање е единственото решение во услови кога нашиот идентитет е нападнат по сите основи од Република Бугарија, додаваат од таму.