5.8 C
Skopje
четврток, декември 12, 2024

Топлата вода ќе биде исклучена во градинките и училиштата во Салцбург, родителите загрижени

За да ја постигне целта од заштеда на енергенти од 11 отсто, австрискиот град Салцбург презема мерки со што во јавните установи, вклучувајќи ги училиштата и градинките, топлата вода ќе биде исклучена, пишува весникот „Салцбургер Нахрихтен“.

Потегот не се однесува на противпожарните станици, кантините, училиштата за деца со пречки во развојот, соблекувалните во градинките и тушевите во спортските сали.

Тоа што децата во градинките и училиштата следната зима ќе мијат раце со ладна вода, не претставува никаков проблем за градската секретарка Мартина Бертхолд.

– При миење раце со сапун и ладна вода, се добива ист резултат. За одржување хигиена може да се приспособат соодветни средства, нагласи таа.

Според неа, ладната вода од чешмите не е „студена планинска река“.

Од друга страна, дел од родителите изразија загриженост поради тоа што децата ќе мијат раце со ладна вода.

– Ќе има студени раце и набрзо веќе нема да ги мие, стравува една мајка, цитирана од весникот.

Како што се посочува, проблем е и што хигиеничарите во градинките и училиштата ќе можат да користат само студена вода. Со тоа, се стравува од зголемена употреба на хемиски средства.

До средината на октомври, постои можност да се стави вето на одлуката на градските власти. Доколку не дојде до тоа, таа стапува на сила.