Британскиот министер за одбрана Бен Валас би можел да поднесе оставка доколку премиерка Лиз Трас отстапи од ветувањето дека ќе ги зголеми трошоците за одбраната, објави во саботата телевизијата Sky News.
На прашањето дали кастрењето на трошоците за одбраната на Обединетото Кралство ќе предизвика оставка на Валас, неименуван извор од британското Министерство за одбрана изјавил за Sky News дека министерот очекува премиерката Трас да го одржи ветувањето.
Летово во текот на борбата за премиерската должност, Трас изјави дека до 2026 година буџетот за одбраната ќе биде зголемен од сегашните 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на 2,5 отсто, а до 2030 година потрошувачката треба да достигне 3 отсто од БДП-то. Тоа и беше главната причина Валас да ја поддржи во соочувањето со поранешниот министер за финансии Риши Сунак, кој одби да гарантира зголемување на одбранбениот буџет во споменатите рокови. Самиот Валас, кој е еден од најпопуларните политичари во владејачката Конзервативна партија и важеше за фаворит за премиерската функција, тогаш ја отфрли можноста да влезе во трката.
Прашањето за можната оставка на Валас се наметна во медиумите откако Џереми Хант, кој во петокот беше именуван за министер за финансии, рече дека речиси сите ресори ќе мора да ги намалат трошоците поради рецесијата и енергетската криза.
„Неопходно е да ги зголемиме трошоците за одбраната, но не можам да ви ветам веднаш кога точно тоа ќе биде сторено. Нашите можности да ги зголемиме трошоците за одбраната на долг рок ќе зависи од тоа колку ќе биде стабилна економската ситуација, и дали економијата ќе остане здрава и ќе расте“, рече Хант во саботата во интервју за BBC.