Се договараат деталите за потпишување на Договорот за ФРОНТЕКС

Ги договараме деталите за денот на потпишувањето, времето и каде би се потпишал Договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (ФРОНТЕКС), изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Кога ќе ги имаме сите детали ќе ја информираме јавноста, затоа што тоа е секако еден од најзначајните документи што ќе биде потпишан, нагласи Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Договорот за ФРОНТЕКС ќе биде потпишан утре.

Инаку, Владата на вчерашната седница го разгледа и усвои Извештајот од Министерството за внатрешни работи за извршени преговори со усогласен текст на Договорот меѓу земјава и ЕУ за ФРОНТЕКС и го разгледа и прифати усогласениот текст.

Со потпишувањето на Договорот, според информацијата од МВР, се создаваат неопходните правни предуслови коишто ќе овозможат непосредна соработка меѓу надлежните органи на двете фоговорни страни, за ситуации кога членови на тимот на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража имаат извршни овластувања на територијата на Република Северна Македонија, а во контекст на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничен криминал во земјава.

Европскиот совет донесе одлука за потпишување на Договорот за ФРОНТЕКС со Северна Македонија и ја испрати нацрт-одлуката за склучување на договорот до Европскиот парламент за негова согласност.

Договорот ќе биде преведен на 25 јазици, меѓу кои и на македонски и доставен до земјите членки на Европската Унија.

– ЕУ и Западен Балкан споделуваат заеднички миграциски предизвици и единствениот начин за нивно решавање е преку заедничка акција. Договорот со Северна Македонија е важен чекор во оваа блиска соработка. Тоа ќе му овозможи на ФРОНТЕКС да обезбеди конкретна поддршка на теренот во корист и на Северна Македонија и на земјите од ЕУ, порача Вит Ракушан, министер за внатрешни работи на Чешка.