Жените во Италија, во просек, раѓаат сѐ помалку деца, а оние во Сардинија го имаат и најнегативниот светски рекорд. На овој остров, имено, се раѓаат просечно 5,2 бебиња на илјада жители – што во оваа смисла, е најмал број во целиот свет.
– Културолошки гледано, жените на Сардинија, поради миразот, во брак стапувале на поголема возраст во однос на останатиот дел од земјата. Денеска веќе не е така, но последиците се чувствуваат, објаснува Марко Ѕипи, професор по социологија на Универзитетот во Каљари.
Просечниот број родени бебиња на Сардинија е 0,99 деца по мајка, а од година во година таа бројка само се намалува. На национално ниво изнесува 1,25 новороденчиња.
– За да влезеш на пазарот на трудот и да изградиш кариера, мора да бидеш пообразован и да имаш голем број достигнувања и дипломи, што неминовно влијае на откажување од основањето семејство, додава професор Ѕипи.
Тој истакна и дека економските мотиви и политиката, исто така, влијаат на намалувањето на бројот родени деца.
На Сардинија, според податоци од 2020 година, живеат 1.628.384 жители, од кои најголемиот дел се етнички Сарди. Локалното население зборува свој сардински јазик. Најголеми градови се Каљари и Сасари.