Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ соопшти дека за намалување на последиците предизвикани од продолжената економска криза, во форма на предлог закони и амандмански интервенции, ќе предложи седум мерки.
Ова се тие мерки:
1. Викенд без ДДВ за прехранбени производи. Во просек, цените на прехранбените производи се зголемени за 30% за септември во однос на истиот месец претходната година. Законското решение предвидува секој викенд во период на прогласена кризна состојба да биде Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи.
2. Oдложување на прогресивното оданочување, кое треба да стапи на 1.1.2023 година. ВМРО – ДПМНЕ е против овој концепт на прогресивно оданочување и се залага за рамен данок како што е во моментов, но и za постепено намалување до ниво од 8% во зависност од економските прилики. „Владата мора да се откаже од казнување на најпродуктивните лица во Македонија. Не смееме да дозволиме вработените во ИТ секторот поради несоодветни даночни политики да ни заминат. Токму затоа предлагаме најпрво одложување на прогресивното оданочување, а по парламентарните избори граѓаните да одлучат дали се за зголемување на даноците и даночната евазија или за рационализација на јавните расходи и постепено намалување на данокот на личен доход“, се вели во партиското соопштение.
3. Дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните со категории на граѓани кои се испуштени. Пакетот мерки за граѓаните кој го презентираше Владата изнесува околу 18 милиони евра и е недоволен. „Токму затоа преку амандмани ќе побараме финансиската поддршка наместо четири месеци да биде секој месец додека има прогласена кризна состојба, односно заклучно со април 2023 година. Дополнително, ќе бараме сите самохрани родители да бидат опфатени, а не само тие чии деца се на возраст до 7 години и се приматели на гарантирана минална помош. Покрај проширување на опфатот за самохраните родители бараме месечна финансиска поддршка од 3.000 денари и за: средношколците, невработените лица кои се активни баратели на работа според евиденцијата на АВРМ, децата без родители и родителска грижа, како и корисниците на гарантирана минимална помош. Освен овие заборавени категории на граѓани, предлагаме и целосен опфат на пензионерите и вистинска финансиска помош за нив и тоа: по 3.000 денари месечно за приматели на пензија до 14.000 денари, по 2.000 денари за приматели на пензија до 30.000 денари и за примателите на пензија повисока од 30.000 денари месечна финансиска поддршка од 1.000 денари“, се објаснува во соопштението.
4. За студентите враќање на мерката субвенциониран студентски оброк како лани и зголемување од 120 денари на 16 денари дневно.
5. Покрај за АД ЕСМ, нафтените резерви да бидат на располагање во краен случај и за образовните и здравствените институции кои ги користат овие енергенси за затоплување. Со предлог дополнувањата во Законот за задолжителни нафтени резерви, планот на Владата е АД ЕСМ да ги искористи државните резерви на мазут и дизел гориво за производство на топлинска и електрична енергија. „Не смееме да дозволиме нашите деца и пациентите да се смрзнуваат поради високите цени на енергенсите. Мора да оставиме законска можност во случај на екстремно високи цени на светските берзи, покрај АД ЕСМ и овие јавни установи да ги користат нафтените резерви“.
6. Огревното дрво и пелетите да се ослободат од ДДВ. Според податоци на Државниот завод за статистика од 2019 година, 280.000 домаќинства се греат на огревно дрво, а 50.000 домаќинства со пелети или брикети. „Со нашиот предлог ќе дојде до поевтинување на огревното дрво за 18%, а на пелетите за 5%“, велат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
7. 50% намалување на акцизите за моторните горива т.е. дизелот и бензините.