Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ – Скопје, вечерва со почеток во 19 часот во просторот на Кино Фросина во Македонскиот културен центар ќе го одржи третиот таканаречен „Култренинг“ – Работилница за кореографија и танц „Мое тело, мој дом“ со Христина Ангеловска.
Како што информираат од Локомотива, на работилницата ќе се работи на поттикнување на движења преку кои секој од присутните ќе може да се претстави онака како што се препознава, и сака да се осознае.
– Работилницата ќе се одвива во групна и динамична работа, која ќе ги следи потребите на учесниците. Ќе се работи по групи, каде ќе се групираат учесниците според нивното претходно искуство во движење и креирање, сметајќи дека ќе има почетници и професионалци на работилницата, велат од Локомотива.
Христина Ангеловска има дипломирано балетска педагогија за современ танц. Нејзиното искуство со кореографија го стекнала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Работела на презентација на програмата на катедрата за балетска педагогија – современ танц – Нови тенденции / Нови современи танцови дела и автори/ки при ФМУ, УКИМ, во чиј тим таа и членува. Самостојно изведува во кореографските дела “Somewhere, somehow, somebody” и „Три“ во 2019 година, како и „Равенка“ 2018 година.
Работилницата е дел од програмата „Култренинг” на Локомотива реализиранa во соработка со Младинскиот културен центар, а поддржана е од Министерството за култура.