Шпанија затвори дел од воздушниот простор поради падот на кинеската ракета

Шпанија за кратко затвори делови од воздушниот простор поради опасност од кинеската ракета која повторно влегува во Земјината атмосфера.

Аеродромите во Барселона и на Ибица денеска мораа да ги сопрат летовите во период од 40 минути.

Шпанија ја донесе оваа одлука откако Кина испрати моќна ракета Long March-5b да го испорача последниот модул неопходен за работата на вселенската станица Тјанггонг.

Остатокот од ракетата неконтролирано се враќа во атмосферата, иако се очекуваше дека поголемиот дел ќе согори во текот на враќањето кон Земјата.

Но, некои се загрижени дека одреден дел од остатоците, кој Агенцијата на ЕУ за безбедност на воздухопловството, го опиша како еден од најголемите објекти кој повторно влегол во атмосферата во последните години, би можел да го „преживее падот“.

Службата на ЕУ за вселенски надзор и мониторинг, на сајтот објави дека „мала е статистичката веројатност за удар на тлото во населените области“, а се очекува остатокот од ракетата да слета некаде во Атлантскиот Океан.

Фото: твитер/принтскрин