Ковачевски ги отфрли информациите за реконструкција на Владата

-Владата во моментов функционира со мнозинство од 64 пратеници и тоа беше потврдено на изборот на новиот министер за локална самоуправа. Сѐ што се пишува за реконструкција на Владата е во доменот на шпекулациите во овој момент, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски одговараше на новинарско прашање за медиумските написи за реконструкција на Владата до Нова година и за смена на министерот за здравство Беким Сали со кадар од Алијанса за Албанците.

-Јас не сум ги видел утрово написите за кои што зборувате. Во моментов, Владата функционира со мнозинство од 64 пратеници и тоа беше потврдено на изборот на новиот министер за локална самоуправа. Не сум имал разговори како премиер, бидејќи премиерот предлага министри во Владата во однос на реконструкција, така што се тоа што се пишува е во рамките на шпекулации во овој момент, рече Ковачевски.

Премиерот заедно со министерот за здравство Беким Сали, беа на настан во Градската општа болница „8 Септември“ на кој беше отворен нов дијагностички центар.