Ќе се борам преговорите на историската комисија да не бидат услов за приклучување на Македонија кон Европската Унија, како што впрочем било за сите држави. До ден денеска заседава Полско-Германската историска комисија, ова во неговото гостување во Само Интервју го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски зборувајќи за тоа како да се реши проблемот со Бугарија.
„Овој народ, граѓаните на Македонија од самото осамостојување со прифаќањето на времената референца, она срамно име кое што го имавме долги години, со промената на државното знаме, потоа со промената на Уставот, добиената хашка пресуда, која што потоа излезе дека не сме ја добиле бидејќи во меѓународното право важи правото на посилниот, потоа насилното менување на Уставот, насилното менување на името. Секогаш за нас постоеше само уште ова и вие сте ја завршиле задачата“ истакна Мицкоски.
Тој додаде и дека ова бугарско барање за внесување на Бугарите во Уставот исто така нема да биде последно барање на штета на Македонија и преговорите со ЕУ ќе се сведат на историски прашања кои Македонија ќе треба да ги исполнува за да не биде повторно блокирана.
„И ова не е само тоа затоа што после ова ќе влезете во ходник, не на маса, повторно во ходник со многу повторно затворени врати од кои секоја само по себе има свој предизвик. Па ќе го отворите средниот век, па ако не бил Самоил бугарски цар тогаш повторно блокада бидејќи вие погрешно ја толкувате историјата и не се придржувате на историските факти. Па ќе ве вратат на востанијата на Делјан, на Војтех, на Карпош. Потоа ќе ве однесат таму во времето на преродбениците“, потенцираше Мицкоски.