Милица Стојановиќ се потпишува како одговорно лице на фирмата „Хем алијанс“ на договорот со ЕСМ заверен на 20 октомври вреден 632 илјади евра. Нејзиниот сопруг е Небојша Стојановиќ, директор на ТЕЦ Неготино. Од РЕК Битола велат дека нема некаков конфликт на интереси и дека за тоа била потпишана дури и изјава, пишува Мкд.мк.
На 20 октомври АД ЕСМ за потребите на РЕК Битола склучува договор за јавна набавка на стоки во директна спогодба со семејната фирма на директорот на ТЕЦ Неготино и висок функционер во СДСМ, Небојша Стојановиќ од Неготино, „Хем алијанс“ со седиште во Пепелиште. Сопственик на фирмата е неговиот татко, а управител неговата сопруга Милица Стојановиќ. „Хем алијанс“ се обврза во наредните 12 месеци за потребите на РЕК Битола да набавува „чисто органско биоразградливо соединение за спречување на појава на прашина од одложена пепел (РЕК Битола)“. Вредноста на овој договор со ДДВ е 39.117.000 денари. Потписник во име на РЕК Битола е директорот Пеце Матевски.
Од РЕК Битола, како дел од системот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), велат дека наведената набавка е јавна набавка која е спроведена во РЕК Битола и истата не се однесува во никој случај за ТЕЦ Неготино.
Во одговорот за МКД.мк од РЕК Битола велат дека на објавениот оглас во законскиот рок од 30 дена, понуда поднесе само еден економски оператор. Тие велат дека оваа набавка е неопходна за превенција за заштита од емисии на прашина на отворено, особено при високи температури, суво и ветровито време и со цел да се формира зацврстен слој на одлаганата пепел за да се заштити животната средина и да се спречи разнесувањето на пепелта во околината.
„Нагласуваме дека не станува збор за набавка со директна спогодба и дека не постои конфликт на интереси. Постапката е спроведена од Комисијата за јавни набавки при подружницата РЕК Битола и одговорно лице на подружницата. Кај истите нема никаков конфликт на интереси со носителот на набавката поради тоа што немаат никакви роднински врски, согласно одредбите на Законот. Законот јасно пропишува што е конфликт на интереси и според предметните одредби, истиот во овој случај не постои. Комисијата за јавни набавки која ја спроведуваше постапката, како и одговорното лице, уредно во досието за постапката има доставено Изјава за непостоење судир на интереси“, се вели во одговорот од РЕК Битола за МКД.мк.
Се разбира дека никаде во нашето прашање не тврдевме дека Милица Стојановиќ е во роднински врски со членови на комисијата за јавни набавки. Се работи за сопруга на директорот на ТЕЦ Неготино, државно претпријатие за кое веќе одамна е решено да се припои во системот на АД ЕСМ. Одржани се и неколку заеднички состаноци на управните одбори на ЕСМ и на ТЕЦ Неготино, а на еден од нив е и потпишан договор за деловно-техничка соработка за набавка на мазут и производство на електрична енергија.
Целиот текст може да прочитате ОВДЕ