Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати честитка по повод 22 Ноември – Денот на Албанската азбука која во продолжение ви ја пренесуваме интегрално:
„Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на припадниците на албанската заедница во Македонија им го честитам 22-ри Ноември – Денот на Албанската азбука.
Македонија е земја за пример во која се уважуваат и почитуваат јазичните и културните особености на сите нејзини граѓани. Оттука јазичното и културно богатство на Албанците во Македонија е нераскинлив дел од македонскиот мозаик, кој е пример за заедништво, взаемна почит и разбирање граден низ вековите.
Албанците во Македонија знаат дека Македонците и сите останати кои живеат во државата се нивните најблиски со кои можеле и можат да ги споделат сите предизвици и тешкотии. Заедно ја делиме судбината и заедно мораме да ја градиме иднината. Затоа не треба да бидат жртви на политичките игри на власта, кои преку раздорот и недоразбирањата сакаат да градат лични богатства на сметка на грбот на се посиромашните граѓани. Во овие тешки години на економски колапс, неуспеси, трагедии и погазено достоинство на секое семејство во Македонија, без разлика дали тоа се Албанци, Македонци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или останати, мораме да стоиме заедно сплотени и да градиме заеднички патриотизам, како основа на подобро заедничко утре.
Заедно да се спротивставиме на поделбите кои носат поголемо иселување, поголема сиромаштија, поголема апатија и бесперспективност. Додека нечии приватни банкарски сметки растат, Македонија ја имаме се помалку. Додека нечии имоти се зголемуваат се намалуваат жителите и на Тетово и на Струмица, и на Чегране и на Зрновци, и на Кичево и на Куманово.
Да застанеме заедно против оние кои ни ја крадат иднината и заедно да создадеме патриотизам во кој најдобрите ќе работат за перспективата наша и на нашите идни поколенија.“