Германската економија ќе влезе во рецесија во зимската половина од годината, по неочекуваниот раст на деловните активности во летното тримесечје, предупреди централната банка Bundesbank,
Економијата во периодот од јули до септември пораснала за 0,3 отсто во однос на претходните три месеца, според прелиминарната процена на германското статистички биро, благодарејќи на добрите резултати во услужниот сектор по укинувањето на повеќето пандемиски ограничувања, наведуваат од централната банка на Германија.
Во зимската половина од годината активностите веројатно ќе бидат намалени, проценуваат во Bundesbank, истакнувајќи дека трошоците за енергијата и неизвесното снабдување со енергенси претставува тежок товар за компаниите.
Високата инфлација, пак, ја кочи личната потрошувачка а со тоа и активностите на услужните компании во директен контакт со граѓаните, се предупредува во соопштението.
„Инфлацијата би можело да остане двоцифрена и по преминот во новата година“, проценуваат во Bundesbank во месечниот извештај претставен во средата.
Државната поддршка за граѓаните со високи сметки за гасот ќе го ублажи товарот во декември, но сѐ уште не е јасно во која мера тоа ќе се одрази врз службената пресмета на цените, а со тоа и на стапката на инфлацијата, се истакнува во извештајот.
Во октомври инфлацијата во Германија се искачи на 10,4 отсто и првпат од 50-те години на минатиот век влезе во двоцифрената област.
Дополнителен поттик на инфлацијата би можело да биде спиралата откако растот на цените ќе резултира со зголемување на платите, а повисоките плати со посилен раст на цените.
Синдикатите и компаниите во последниот период договараат сѐ поголеми зголемувања на платите. Така синдикатот на работниците во јавниот сектор и на службениците во сојузната управа и во локалната самоуправа бараат зголемување на платите за 10,5 отсто во следните 12 месеци.
Иако барањата за толку големи зголемување на платите веројатно нема да бидат прифатени, засилен е ризикот од покренување на спиралата, заклучуваат од Bundesbank.