Долниот дом на францускиот парламент гласеше во четвртокот со мнозинство правото на абортусот да се стави во уставот на земјата, а пратениците од левицата и од центарот кои го поддржаа изјавија дека поништувањето на историската пресуда во САД во јуни годинава ја покажало неопходноста од „нови чекори“.
Парламентот го одобри предлогот, кој го поднесе опозициската левица со 337 гласови „за“ и 32 „против“, но патот од вметнувањето на правото на абортусот во уставот нема да биде лесен, бидејќи нацрт-законот под истите услови мора да биде одобрен и во Сенатот, горниот дом, во кој десницата има мнозинство.
Во октомври Сенатот го отфрли меѓупартискиот прелог-закон кој имаше цел правото на абортус и контрацепцијата да ги вброи во францускиот устав. Токму поради тоа во четвртокот е изгласан компромисен текст со надежи дека ќе мине во Сенатот, пренесува агенцијата AFP.
Меѓутоа, следната седмица долниот дом на парламентот повторно ќе гласа за внесување на правото на абортус во уставот кога Преродбеничката партија на претседателот Емануел Макрон ќе изнесе свој предлог-закон за истото прашање.
Жените имаат право на абортус во Франција од 1975 година, кога е легализиран. Законот од тогаш е дополнуван неколкупати, а последната измена во февруари годинава го продолжува пристапот до абортус од 12 на 14 седмици од бременоста.
„Со воведувањето на абортусот во уставот би се заштитило ова право и би се отежнало неговото поништување во Франција. Со воведувањето на правот на абортус во уставот, Франција би станала пионер во поглед на правата на жените“, изјави Матилд Пано, пратеничка од левата партија Непокорна Франција.
Целта е да се „спречи никакво назадување“ рече Пано и додаде дека не сакаат „да им дадеме никаква шанса на луѓето кои се непријателски расположени кон правата на абортус и на контрецепција“.
Правото на абортус се пошироко прифатено во Франција отколку во САД или некои други земји членки на Европската унија. Околу 83 отсто од Французите изјавиле дека се „среќни поради фактот што абортусот е легален“, според анкетата на Ifop спроведена во јули, што е за 16-процентни поени повеќе од пред 30 години. Истата анкета покажала и дека 81 отсто од испитаниците го поддржуваат внесувањето на правото во абортусот во уставот на земјата.
Сепак, конзервативците и крајната десница остро се спротиставуваат на законот и би можеле да разгледаат давање поголема тежина на законот од 1975-та.
„Престанете да си играте со стравовите од укинување на правото на абортус за што знаете дека е невозможно во Франција“, изјави пратеничката од крајната десница Емануел Менар.