Јовановски: Не сме терористи па градоначалничката да не сака да седне на преговори

Ние не сме терористи, па да има страв градоначалничката да седне со нас да преговара. Кажете една закана и уцена, дали некому му зедовме пари, дали некому му отидовме дома да му се закануваме, дали кажавме еден погрден збор. Едноставно, луѓето си ги бараат парите. Не може тоа да се третира како закана ниту како притисок. Имаме разбирање, со секого се седнува да се преговара. Очигледно е дека некој не сака да го реши проблемот, изјави денеска Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ на прес-конференција од пред просториите на Град Скопје.

Приватните превозници ѝ понудија компромис на градоначалничката Данела Арсовска и велат дека се подготвени да почнат со вршење на превозот во оној момент кога ќе им биде расчистен долгот или барем некој дел од него за да може да се надмине целата оваа ситуација.

„Приватните превозници ќе почнат веднаш да го вршат превозот и ќе го вршат сè додека не се случи оној најавуван оглас, кој е некој нов концепт на градоначалничката, меѓутоа да не се создава ваков простор на нервози, блокади и јавниот превоз да функционира. Доколку имаме некакви сигнали или некаков одговор и решение од целата оваа ситуација со овој наш предлог на кој инсистираме да биде прифатен, може да кажеме дека протестите ќе бидат прекинати“, изјави Јовановски.

Во спротивно, додава Јовановски, оној протест што е најавен за помасовна блокада на повеќе крстосници, кај „Мавровка“ и „Црвен крст“ и целосната блокада на булевар „Илинден“, ќе се реализираат в понеделник.

Приватните превозници до доцна попладне на протест на Илинденска, чекаат средба со Арсовска

Јовановски побара Советот на Град Скопје да му одобри средства на ЈСП со што ќе се раздолжи кон приватните превозници.

„Тоа не мора да биде целиот долг, ќе го почекаме за 20 дена новиот буџет за да се раздолжи остатокот. Не бараме ништо повеќе“, рече Јовановски.

Приватните превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утрово ги паркираа автобусите на булеварот „Илинден“ и најавија дека таму ќе останат до доцните попладневни часови.

Возачите откако ги паркираа автобусите, во знак на револт поради ненавремената исплата на долгот што кон нив го има ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје, чекаа средба со градоначалничката Данела Арсовска за да најдат заедничко решение околу настанатата состојба во јавниот градски превоз, која трае предолго и е на штета на граѓаните.