Белиот коњ како метафора на ноќна мора, објави поранешниот премиер Никола Груевски како одговор на денешната реакција на неговиот наследник во Владата и некогашен политички ривал Зоран Заев за одлуката на Апелациониот суд за укинување на пресудата за случајот Таргет-Трврдина.
-Ова е она кога цел народ и цел свет на видео снимка прибавена законски со одлука на обвинител и судија, те гледа и те слуша како најдиректно и отворено бараш мито, бараш поткуп, бараш пари од локален бизнисмен, му објаснуваш дека сите други како него во градот редовно и безпоговорно си плаќаат мито, па жртвите ги редиш и по име, и отворено објаснуваш дека парите од митото се за тебе лично, користејки ја својата политичка моќ која ти ја доверил народот во општината, напиша Груевски.
Поранешниот премиер цитираше зборови од австрискиот невролог и основач на психоаналитичката школа за психологија, Зигмунд Фројд – „Првиот знак на човечката глупавост е целосно отсуство на срам“.
-Потоа ти средуваат со судот (кај Добрила Кацарска) да се погазат доказите против тебе кој самиот суд ги обезбедил и да се погази правдата пред очите на цел народ за да се овозможи да го направиш националното предаство кое си го договорил однапред, со насилна и со недозволени средства промена на името на државата, името на нацијата и на јазикот како и одкажување од историјата, како онаа од античкиот период, така и сета друга македонска историја до пред 75-76 години.
За награда те оставаат да продолжиш ти и твоите блиски да бараш поткуп и да ја пљачкаш државата и народот уште неколку години, најбрутално да ги прогонуваш твоите конкуренти во политиката за политички да не те загрозат и подолго да владееш, со злоупотреба и притисок на правосудниот систем и паралелно на сето тоа да глумиш “чесен” човек што искрено се бори против криминалот и корупцијата.
И по некое време од кога ќе отслужиш и ќе ти кажат „доста ти беше”, оддеднаш кога не ти е се под контрола и ти се појавува и најмала НЕИЗВЕСНОСТ, те фаќа таква НЕРВОЗА и одеднаш ти излегуваат “БЕЛИ КОЊИ” пред очи, па притисок врз правосудниот систем кој до тогаш си го правел колку што си можел потајно и подискетно, одеднаш губиш контрола врз себе и го претвораш во јавен притисок на правосудниот систем и нова лична и на оние кои те подржуваат бламажа, а слугите кои си ги задолжил од најниско ниво па до врвот во државата те следат. Само ќе видиме до кога…, му порача Груевски на Заев.
Заев денеска ја коментираше одлуката на Апелациониот суд за укинувањето на пресудата за случајот „Таргет-тврдина“.
-Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме. Сега, некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда. Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам. Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден, побара Заев.