Фудбалерите на Манчестер Јунајтед и на Челзи во вторничните дуели од 17-то коло на англиската Премиер лига пред своите навивачи без поголеми проблеми го совладаа Нотингем Форест, односно Борнмут.
Дождливото време не беше пречка за играчите на манчестерските „Црвени ѓаволи“ од самиот почеток на мечот да тргнат кон противничкиот гол. И веќе во 19 минута мрежата на Нотингем ја затресе Маркус Рашфорд кој натрча на повратната топка што му ја упати Кристијан Ериксен. Само три минути подоцна Рашфорд се најде во улога на асистент, а топката во мрежата ја испрати Ентони Марсиал.
Нотингем Форес покажа амбиции да избори што поповолен резултат, во 41 минута го намали водството на домашните преку Вили Боли, но по асистенција на ВАР-от погодокот беше поништен поради минимална офсајд позиција на стрелецот. Во 87 минута во Јунајтед проработе „бразилската врска“, Каземиро додаде а Фред реализираше за конечните 3:0.
Манчестер Јунајтед дојде до деветтата првенствена победа и со 29 бодови дојде на само бод заостанување зад четвртопласираниот Тотенхем но кој има меч повеќе. Нотингем Форест, пак, го доживеа деветтиот пораз и со 13 бодови остана на претпоследното 19-то место, со бод повеќе од последниот Саутемптон и бод помалку од првото место кое гарантира опстанок во Премиер лигата.
Во првиот дуел во вторникот Челзи на својот стадион „Стенфорд Бриџ“ со 2:0 го совлада Борнмут. Домашните поведоа во 16 минута, кога на нафрлувањето од Рахим Стерлин правовремено со лизгачки старт реагираше Каи Хаверц и од непосредна близина ја сврти топката во мрежата. Германскиот репрезентативец, пак, во 24 минута му намести позиција за шут на Мејсон Маунт кој со прецизен удар од 20-ина метри погоди за удвојување на водството.
Кристијан Пулишич за Челзи го постигна и третиот погодок во 44 минута, но беше поништен бидејќи претходел прекршок од Хаверц над Адам Смит. Во вториот дел домашните се обидуваа со трет погодок да ги разрешат дилемите околу победникот, а гостите да го намалат водството на Челзи и потоа да се обидат да дојдат до израмнување, но до крајот на дуелот не беа создадени посериозни прилики.
Челзи моментално со 24 бодови од 15 настапи скокна на осмото место на табелата, додека Борнмут со 16 бодови остана на 14-то место. Води Арсенал со 40 бодови од 15 одиграни кола, а моментално второпласиран е Њукасл со 33 бодови од 16 одиграни кола.
Ова 17-то коло во среда во вечерниот термин од 21 часот ќе го затвори дуелот во кој третопласираниот Манчестер Сити со 32 бодови од 14 натпревари ќе му гостува на Лидс Јунајтед кој е 15-ти со 15 бодови, исто така, од 14 одиграни кола.