Командата на Заедничката групација на руските војски изведе одмаздничка операција на нападот на украинската војска врз позицијата на руските сили во Макеевка, и притоа убиени се неколку стотици украински борци, соопшти во неделата на редовниот брифинг руското Министерство за одбрана.
Станува збор за напад врз два објекта во градот Краматорск во кој биле привремено сместени околу 1.500 украински војници. Според Москва, во хостел со адреса бр.29 имало повеќе од 700 украински борци, а на хостелот со адреса бр.47 имало повеќе од 600 војници.
Руската војска објави дека изминатите 24 часа вршела интензивна разузнавачки и извидувачки активности со цел да ги открие позициите на поголема жива сила на украинската војска, при што биле потврдени податоците за двете локации на масовно групирање во градот Краматорск на работ од административните граници на сега одметнатиот проруски регион Доњецк.
„Како резултат на масовен ракетен напад врз овие точки на привремено распоредување на единиците на вооружените сили на Украина, загинаа повеќе од 600 украински војници“, се тврди во соопштението на руската војска кое не може да се провери од независни извори.
Од украинската војска засега нема коментари на тврдењето од Москва, иако градоначалникот на Краматорск именуван од Киев претходно во неделата на социјалните мрежи го потврди руското гранатирање, но тврдеше дека во нападот врз разни згради во градот нема загинати.
Руското Министерство за одбрана потврди дека нападот врз Краматорск е одмазда за смртоносниот украински напад во првите минути по полноќ кон 1-ви јануари во Макеевка во кој загинаа најмалку 89 руски војници.
Доколку биде потврдено тврдењето на руската армија, тоа ќе биде најголемата загуба на украинската војска во еден руски напад за што е известено. Двете страни секојдневно објавуваат за наводно уништување на по неколку стотици непријателски војници, но и двете страни строго ги кријат вистинските загуби на своја страна.