Протести во Бразил, приврзаниците на Болсонаро влегоа во Конгресот и Претседателскиот дворец

Илјадници приврзаници на поранешниот бразилски крајно десничарски претседател Жаир Болсонаро упаднаа во неделата во главните зданија на политичката моќ во главниот град Бразилија, во Конгресот, Врховниот суд и претседателскиот дворец Планалто, предизвикувајќи големи штети, пренесуваат локалните медиуми.

Приврзаниците на Болсонаро протестираат против враќањето на власт на крајно левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кои неочекувано многу тесно го победи Болсонаро во вториот круг од претседателските избори на 30-ти октомври минатата година. Медиумите проценуваат дека во протестите учествуваат најмалку три илјади лица.

На телевизиските снимки што ги емитуваат локалните канали, се гледа како демонстрантите го демолираат мебелот во Врховниот суд и во Конгресот, а американските мејнстрим медиуми веднаш направија паралела со упадот на приврзаниците на поранешниот републикански американски претседател Доналд Трамп, со кој тесно соработуваше Жаир Болсонаро, на вашингтонски Капитол на 6-ти јануари 2021 година.

Во Бразил многу од приврзаниците на Болсонаро ги оспоруваат резултатите од изборите од 30-ти октомври. Тие упорно ја проблематизираат веродостојноста на електронскиот систем за гласање.

Лула, кој должноста ја презема на 1-ви јануари, откако два дена претходно Болсонаро отпатува на Флорида, викендов е во метрополата Сао Паоло во рамките на неговата турнеја по внатрешноста на земјата.

Работничката партија на Лула побара од канцеларијата главниот државен обвинител да им нареди на безбедносните сили да дејствуваат во зауздување на демонстрантите.