Судскиот совет на денешната 427 седница го разгледа и усвои извештајот од работната посета на Апелациониот суд Скопје, во којшто е утврдено дека не се запазени законските рокови за постапување на Апелација по предметите „Таргет-Тврдина”, „Трезор”, „Транспортер” и „Алфа”.
Извештајот покажал дека при постапувањето по предметите не биле запазени предвидените законски рокови, а како што рече Тања Чачарова-Илиевска, еден од членовите на Судскиот совет, и кoординатор на работната група која го испитуваше постапувањето на судиите, рече дека за тоа како образложенија биле наведени сложеноста и обемноста на предметите, како и боледувања и одмори.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, кажа дека извештајот е целосен и дека ирелевантно е дали имало оправдани причини за изминувањето на долгите периоди.
На дневен ред на 427-та седница на Судскиот совет, меѓу другото, беа и одлучување по барање за надомест на трошоци и утврдување на престанок на судсиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија.
Според Чачарова-Илиевска, нема оправдување што девет месеци не била донесена одлуката од страна на Апелација.
Според заклучокот од извештајот, станува збор за неразумно долг период во кој не било одлучувано за предмет кој бил итен.
– Работната група констатираше дека е изминат период од девет месеци од денот на завршување и одржување на јавна седница до донесување и објавување на одлуката 05.12.2022 година. Сметаме дека нема образложени причини за изминување на толку долг период од завршување на јавната седница до објавување на одлуката. Сметаме дека се создадени услови за евентуално застарување на оваа постапка, што е сериозна повреда, поради непочитување на роковите за донесување на одлуката. Побаравме објаснување од судијата известител. Како причини за оваа состојба беа наведени големиот број на предмети и тоа вообичаено тешки предмети од висок јавен интерес кој според АКМИС му биле распоредени на судијата известител. Тоа е видно и од уписникот, го проверивме. Неспорен е фактот дека месечната норма ја исполнувал, но она што го констатиравме дека од сите предмети што му биле распоредени во работа на судијата известител, единствено „Таргет-тврдина” е незавршен предмет – појасни Чачарова-Илиевска.
Сите судии кои одлучувале по овој предмет, имале мандат и немало пензиониран судија во моментот на донесување на одлуката.