За еден месец 60.000 починати од Covid-19 во Кина

Кина во саботата објави дека во болниците во текот на триесеттина дена откако се укинати строгите епидемиолошки мерки, починале околу 60.000 луѓе чијашто смрт се поврзува со Covid-19.

„Во периодот од 8-ми декември и 12-ти јануари починале 59.930“, луѓе, изјавил за новинарите функционер на Националната комисија за здравство Џијао Јахуи.

Овој показател не ги вклучува починатите надвор од медицинските установи. Хоспитализациите поради Covid-19 во Кина достигнале врв и бројот на болничките пациенти продолжува да паѓа, додаде Џијао.

„Севкупно во целата земја бројот на луѓето коишто доаѓаат во клиниките по достигнатиот врв е во пад, како во градовите, така и во руралните подрачја“, рече Џијао.

Според него, во пад е бројот на пациентите за коишто е неопходна итна медицинска помош, како и процентот на позитивните на Covid-19 во вкупниот број тестирани лица.