Британската влада ќе го блокира предлог-законот кој го усвои шкотскиот парламент, кој на граѓаните им ја олеснува промената на полот во правна смисла, изјави во понеделникот министерот за Шкотска, Алистер Џек, што претставува прво користење на ветото на британската влада за некој шкотски закон.
Шкотска, усвојувајќи го предлог-законот во декември, стана првата држава од Обединетото Кралство која го поддржува процесот на ткн самоидентификација, отстранувајќи ја потребата за медицинска дијагноза на родовата дисфорија и спуштајќи ја минималната возраст за промена на родот од 18 на 16 години.
Министерот Џек се повикува на членот 35 од Законот за Шкотска од 1998 година, кој ѝ дозволува на британската влада да забрани стапување на сила на закон доколку Лондон смета дека ќе има штетен ефект во областа во којашто владата на кралството ја задржува крајната надлежност.
„Не ја сфатив тукутака оваа одлука. Заклучив, оттаму, дека ова е нужна и исправна насока на дејствување“, рече Џек во писмена изјава во која додава дека ќе има „значителен ефект“ на прашањата за еднаквоста ширум Велика Британија.
Некои групи за женските права тврдат дека измените на законодавството би можеле да преставуваат закана за безбедноста на жените и девојките, бидејќи ќе им олесни на сексуалните злосторници да влезат во простори предвидени за припадници на само еден пол, како што се тоалетите.
Поборниците на предлог-законот, пак, велат дека реформите ќе бидат од полза на трансродовите лица и дека не претставува никаква закана за правата на жените.
Некои земји, како на пример Ирска, Данска и Аргентина усвоија закони за ткн самоидентификација кои им олеснуваат на некои лица правно да го променат својот род.
Одлуката на британската влада веројатно ќе предизвика остра правна битка меѓу Единбург и Лондон, при што шкотската влада претходно предупреди дека ќе се бори против, како што самата го нарекува, обидот да се поткопа демократската волја на шкотскиот парламент, кој во одредени има намалени овластувања.