
Музичката суперѕвезда Мадона летово ќе започне нова турнеја за да одбележи повеќе од 40 години од своите хитови.
Организаторите рекоа дека турнејата насловена „Madonna: The Celebration Tour“ ќе ги однесе фановите на нејзиното „уметничко патување низ четирите децении и ќе му оддаде почит на градот Њујорк каде што започна нејзината музичка кариера“.
Пејачката ќе настапи во 35 градови, почнувајќи од Ванкувер на 15-ти јули. По многуте северноамерикански концерти, ќе се упати кон Европа, а турнејата ќе заврши во Амстердам на 1-ви декември.
Мадона изјави дека е возбудена поради претстојната турнеја и се надева дека „ќе им го подари на своите фанови шоуто што го очекуваа“.
Мадона, најпродаваната музичарка на сите времиња, сподели видео на својот Instagram профил во кое на маса ја игра играта Вистина или Предизвик со ѕвездите диџеј Дипло, режисерот Џад Апатоу и актерката и комичарка Ејми Шумер.
Шумер ја предизвика Мадона на турнеја да ги пее нејзините познати хитови како „Material Girl“ и „Like a Prayer“ и пејачката го прифати предизвикот.
Билетите за турнејата, на којашто како специјален гостин ќе се појави Bob the Drag Queen, ќе бидат пуштени во продажба во петок.