Володин: Новото западно оружје за Украина може да доведе до глобална катастрофа

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, во неделата предупреди САД и европските сојузниц го водеа светот во „страшна војна“ и дека новите западни испораки на модерно офанзивно оружје за Украина со кои Киев има намера да изведе офанзива, може да води во глобална катастрофа, а аргументите против користење на оружјето за масовно уништување ќе ги направи неодржливи.

„Доколку Вашингтон и земјите од НАТО испорачаат оружје што ќе биде употребено за напади врз цивилни градови и обиди да се заземат нашите територии, како што се закануваат, тоа ќе доведе до одмазда со многу помоќно оружје“, реагира Володин во изјавата објавена на апликацијата за размена на пораки Telegra.

Западните поддржувачи на Украина минатата седмица на состанокот во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија ветија воена помош за Киев во износ од десетина милијарди долари, иако не успеаја да ја убедат Германија да го повлече ветото за испораки на тешките офанзивни тенкови „Leopard 2“ од германско производство.

Берлин се колеба за испраќањето на тенковите, имајќи предвид на противењето на тоа од страна на Германците во анкетите, и го условува со испраќањето на американските тенкови „Abrams“, за што Вашингтон засега не размислува.

Според Володин, САД и нивните сојузници во Европа го водат светот кон страшна војна, којашто ќе биде сосема поинаква од она којашто се води, кога нападите се изведуваат исклучиво врз воената и критичната инфраструктура на Украина, како што тврди.

„Имајќи ја предвид технолошката супериорност на руското оружје, странските политичари кои ги носат таквите одлуки треба да сфатат дека тоа може да заврши со глобална трагедија, којашто ќе ги уништи нивните земји“, додава натаму во предупредувањето претседателот на Државната дума.

Володин истакнува дека парламентарците од различни земји: американските конгресмени, пратениците во германскиот Бундестаг и француското Национално собрание, членовите на пратениците од други европски парламенти – треба да ја сфатат својата одговорноста кон човештвото.

„Неодржливи се аргументите дека нуклеарните сили досега не користеле оружје за масовно уништување во локалните судири. Неодржливи се затоа што тие земји не се соочиле со ситуацијата кога постоела закана за нејзините граѓани и територијалната целост на земјата“, потсетува Володин.

Володин е претседател на долниот дом на парламентот од 2016 година, а претходно беше член на руската влада. Како член на Советот за безбедност, има редовни средби со претседателот Владимир Путин.

„Испораките на офанзивно оружје на киевскиот режим ќе доведе до глобална катастрофа“, заклучи Володин.

Предупредувањето на челникот на руската Државна дума доаѓа откако претходно седмицава украинскиот претседател Володомир Зеленески во видео-обраќањето на Светскиот економски форум во швајцарски Давос рече дека доколку Западот обезбеди тешко офанзивно оружје ќе направи обид да го „поврати“ црноморскиот полуостров Крим, на кој мнозинското руско населени со два референдума веднаш по прозападниот преврат во Киев во 2014-та реши да се врати во составот на Русија од која е издвоен и предаден на Украина со одлука на советските власти во 1950-те години.

САД во петокот го повикаа Киев да ги штеди силите и да ги повлече од Бахмут, како и да ги сочека новите пратки западно оружје пред да започне офанзива кон териториите кои ги контролира руската војска, а четири од нив Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје влегоа во составот на Русија. Американскиот Стејт департмент, истакна дека не го охрабруваат Киев да напаѓа руска територија, но додаде дека украинските власти се автономни во носењето одлуки и потсети дека Крим не го признаваат како руска територија.

Изјавата на Володин, исто така, доаѓа откако поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев, кој сега е втор човек на Советот за безбедност, ги предупреди Западот да не ја снабдува Украина со ново тешко офанзивно оружје, велејќи дека настојувања воено да порази нуклеарна сила во конвенционална војна може да предизвика нуклеарен војна.