Украина ќе бара борбени авиони, откако ги обезбеди тенковите

Украина сега ќе започне кампања на притисок со кој сака да издејствува испораки на западни борбени авиони од четвртата генерација, како што се американските повеќенаменски борбени летала „F-16“, откако осигури стотина напредни западни борбени тенкови, изјави во четвртокот Јуриј Сак, советник на украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников.

Се оценува дека Украина добила силно засилување за своите сили во средата кога Германија и САД објавија дека на Киев ќе му испорачаат свои тенкови, ставајќи крај на дипломатските напири и тензии по ова прашање. Во соопштенијата во кои се наведува дека западните тенкови на украинската армија ќе можат да ѝ бидат испорачани најрано кон крајот на март па до крајот на годината, нема информации за моменталната состојба на украинските тенковски единици коишто според процените до пред почетокот на руската инвазија кон крајот на ланскиот февруари броеле околу илјада единици, како и стотиците од советско и руско производство кои во изминатата година на војната ги доби од сојузниците.

„Следната голема работа сега се борбените авиони“, рекол Сук во телефонски разговор за агенцијата Reuters изоставајќи го прашањето за оспособеноста на украинските пилоти за управување со технолошки напредните западни летала.

Украинското воено воздухопловство има флотила составена од застарени борбени авиони од советскиот период кои се произведувани во период пред осамостојувањето во 1991 година и модернизирани во периодите со добри односи со Русија. Исто така, засега нема процени со колкав број од таквите авиони располага Киев, само се наведува дека се користат за пресретнување на руските авиони и за напади врз руските позиции.

„Доколку ги добиеме (западните борбени авиони), предностите на бојното поле ќе бидат големи… Не станува збор само за F-16 – авиони од четвртата генерација, тоа е она што го сакаме“, рекол Сак.

Заменикот на советникот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Финбер, изјави во четвртокот за американската телевизиска мрежа MSNBC News изјави дека САД со Украина и своите сојузници „многу внимателно“ ќе разговараат за идејата за испраќање борбени авиони.

„Сѐ уште немаме донесено одлука, ниту исклучивме некаква специфични вооружени системи. Се обидовме да ја прилагодиме нашата воена помош на фазата од борбата во којашто се наоѓаат Украинците“, рече Финет навестувајќи дека одлуките на САД ќе зависат директно од состојбите на боиштето.

Се чини дека западната воена поддршка беше подготвувана уште пред рускиот напад, и беше брзо развиена. Пред војната на западот имаше контроверзни дискусии за наводни испораки на оружје за Украина, но по превратот од 2014 година украинските сили редовно беа обучувани од западни воени инструктори чии мисии беа трајно воспоставени во земјата, а украинските единици често учествуваа на заеднички маневри со војските на земјите членки на НАТО. Но од февруари 2022 година, вклученоста на западното оружје во украинската војна е сѐ помалку проблематизирано, а се одвива етапно со претпазливост да не предизвика ескалација на судирот од страна на Русија.

Украина веќе подолг период, исто така, бара од западните земји и ракети со долг дострел, повремено признавајќи дека има намери да напаѓа и цели на руска територија, што претставува проблем за сојузниците.

И покрај никаквото суштинско напредување по ова прашање, Киев уште од почетокот на војната упорно бара западни авиони. Украински пилот, кој се преставил со кодно име Џус, изјавил за Reuters минатиот месец дека многу негови врсници во воздухопловните сили земаат лекции од англиски јазик во слободно време очекувајќи дека „еден ден ќе ги добијат странските авиони како F-16“.