-Не е спорен добриот однос на Скопје и Белград, но важно е и Тирана треба да биде тука. Важна е и заради Скопје и заради Белград. За првпат имаме такви односи. Бидејќи ако е вклучена Тирана, тешко е да објасните зошто Приштина не е поотворена и вклучена во тој процес, изјави министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ во интервјуто за Вечер.
-Јас сум горд на тој наш заеднички проект Отворен Балкан. Горд сум и би сакал уште побрзо и полесно да ја минувам македонско-српската граница. Не во смисла дека некој некого не признава, не, па пуштете нѐ полесно да патуваме. Јас зборувам луѓето полесно да патуваат, трговците полесно да тргуваат, да си ги признаеме тие дипломи едни на други. Мали сме и малубројни сме сите ние. И сѐ помалку сме. Во општи бројки ние сме толку мали, што мораме да се освестиме. Не треба себеси да се понижуваме, туку да се согледаме и да не се затвораме во некои мали ќошиња и простори за да бидеме сами на свое. Секој треба да се почитува еден со друг, рече тој.
-Никој нема намера, што се однесува до нас, да се загрозува чија било државност или идентитет. Мислам дека со тие работи сме на чисто. Но, да се обидеме да се здружиме секаде каде што е тоа можно. И затоа е важна Македонија, Република Северна Македонија е како една нишка меѓу Србија и Албанија и вам тоа ве погодува заради албанскиот корпус во вашата држава. Природно ми е тоа. Како што мислам дека е природно Црна Гора и Босна и Херцеговина исто да се дел од тоа. И ајде да го додадам ентитетот Косово и Метохија, посочи Вучевиќ .
-И тоа не е никаква алтернатива за ЕУ. Тоа е само покажување дека ние сме подготвени за ЕУ ако соработуваме заедно. А тоа ако сега сите се заклучиме и застанеме чекајќи ја ЕУ, не работејќи ништо дотогаш, мислам дека е погубно. Кога ќе го видам примерот на Македонија, вашата држава, Северна Македонија и на Албанија, тоа се толку неправди. Вие сѐ исполнивте и не сакаат да ви отворат ниеден кластер или не знам веќе што. Тоа е толку нефер. Еве јас кажувам како граѓанин на Србија, како Србин. Тоа е толку нефер, и толку е обесхрабрувачки за сите нас, не само за Македонците, туку за сите нас, додаде тој.
-Ние знаеме што е проблемот за нас, а тоа е прашањето со Косово и Метохија. И тоа е наш историски проблем, историски предизвик. Вие се направивте, дури го сменивте и името на државата. Донесовте тешки одлуки и го изнесовте тоа. Сигурно е дека не е нешто што било многу популарно да се направи. Го направивте тоа, станавте и членка на НАТО пактот. И некој ви кажува не сте ни за отворање поглавја, или како се кажува, кластери. А што да кажеме за Тирана и Албанија? Што имаат спорно, сѐ направија. Немаат никаков спор, немаат никаков проблем, немаат ниту внатрешен, ниту територијален, ниту некој од соседите ги задева за да имаат некои спорења. Во НАТО се, апсолутно следат сѐ што Америка и ЕУ кажуваат, немаат никаква различна позиција“, изјави министерот.