Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски денеска изјави дека владејачкото мнозинство во Собранието во моментов само себе се блокира бидејќи нема 61 пратеник за одржување седници.
– Јас не видов зголемување на мнозинството од почетокот на годината. Парламентот не може да собере 61 пратеник за утврдување на дневен ред и почнување на одредена седница. Разговори гледаме дека има, а кога ќе завршат ќе се произнесеме. Наше мислење е дека во моментов немаат 61 пратеник и дека Собранието не работи, односно активна блокада на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ моментално е ставена во мирување. Сами себе се блокираат затоа што немаат 61 во Собранието, рече Мицевски.
За коментарите дека се потребни шестмина до осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за да се постигне бројката од 80 пратеници за уставни измени, Мицевски вели: Кај нас викаат „Прво средете си го сопствениот двор, па после гледајте во туѓите дворови“.
– На ова законско решение (предлог закон за амнестија на лицата осудени во настаните од 27 април) потпишани се 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата така што самото потпишување на 44 пратеници на ова и поддршката што ја имаме од целата пратеничка група дава доволен одговор на сите калкулации и на сите спинови кои сакаат да се направат на темата – истакна Мицевски.