
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски денеска остварија средба со амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан, кој ја завршува својата мисија во Македонија, се вели во соопштението до медиумите испратено од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, како и македонските евроинтеграции и постојаните условувања за Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски на средбата потенцирал дека фрустрациите и разочарувањето кај македонските граѓани е огромно. Од една страна, тоа е затоа што владата не испорачува решенија за проблемите на граѓаните, дополнително го проблематизира македонското пристапување кон ЕУ со национални омаловажувања, како и заради драматичното ниво на корупција.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ исто така истакнал дека по многу национални откажувања, на Македонија треба да и се даде шанса да стане дел од Европската унија, без непримерни барања и без национални уцени.
На средбата, Мицкоски му се заблагодарил на амбасадорот за одличните билатерални односи и поддршката која Словенија ја дава на Македонија во многу области.

