Во јануари домаќинствата потрошиле за 14 отсто помалку струја од истиот месец лани

Вкупната потрошувачка на електрична енергија во домаќинствата во јануари годинава изнесувала над 349 GWh (349.830.666 kWh), додека истиот месец минатата година била потрошена поголема количина на електрична енергија и истата изнесувала 408 GWh.

„Од јануари, откако е на сила новата цена на електрична енергија која за 99,2 % од домаќинствата е пониска, продолжува трендот на рационално користење на електрична енергија. Секој месец ги анализираме податоците и ги мериме ефектите од блок тарифите. Во прилог се и временските услови, но факт е дека домаќинствата рационално ја користат електричната енергија, па така во јануари потрошувачката на домаќинствата е намалена за 14 %, споредбено со истиот период од минатата година. “ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

РКЕ од 1 јануари донесе одлука со која за 20,15 % се намали цената на електричната енергија за над 70 илјади мали фирми кои се на регулираниот пазар, додека цената за домаќинствата за првиот блок се намалува за 4,11 %.