Минхенскиот аеродром ги откажа сите летови в петок поради штрајк

Аеродромот во баварската престолнина Минхен, вториот по големина во Германија, соопшти во средата вечерта дека ги откажува сите летови поради штрајкот на персоналот во петок, кога започнува и годишната Минхенска безбедносна конференција.

„Поради штрајкот (…) сите редовни патнички линии се откажуваат од петокот во 00,00 часот до саботата во 01,00 часот“ се наведува во соопштението на операторот со минхенскиот аеродром додавајќи дека се откажуваат повеќе од 700 дојдовни и појдовни летови.

Предвидени се само некои „специјални“ летови, како што се „хуманитарните, медицинските и техничките“, како и летовите со коишто ќе допатуваат учесниците на Минхенската безбедносна конференција, дипломатскиот собир на кој од петок до недела ќе присуствуваат меѓународни челници.

Вработените на седумте германска аеродроми, меѓу кои и најголемите во Франкфурт и Минхен, на штрајк ги повика синдикатот Verdi, додека се водат тешките преговори за платите.

Франкфуртскиот аеродром, кој е најголемиот во Германија и Европа, предупреди дека сообраќајот ќе биде „значително нарушен“ и им препорача на патниците да „не доаѓаат на аеродромот“.

Се очекува дека аеродромот во Франкфурт, Минхен, Хамбург, Штутгарт, Дортмунд, Хановер и Бремен да бидат парализирани поради затворањето, при што патниците се предупредени на честите откажувања и одложувања на летовите.

Испораките на хуманитарната помош за настраданите од земјотресите во Турција и Сирија ќе бидат изземени од штрајкот, соопштија од синдикатот.

Претходно во средата значително беше нарушен сообраќајот на аеродромите во Минхен, а особено во Франкфурт, поради падот на информатичкиот систем на најголемиот германски авиопревозник „Lufthansа“, чиј матичен аеродром е во градот на Мајна. Се покажа дека причината било оштетувањето на неколку кабли од фиберглас на операторот концернот „Deutsche Telekom“ во текот на градежен зафат, што доцна попладнето во средата беше отстрането.

Штрајкот доаѓа додека трае спорот на синдикатот со сојузната влада и општините во пресрет на новата рунда преговори за 12-месечен колективен договор за вработените во јавниот сектор на 22-ри и 23-ти февруари.
Синдикатот Verdi и германското здружение на државни службеници (DBB) бараат зголемување на платите за 10,5 отсто или минимум 500 евра за околу 2,5 милиони вработени во јавниот сектор. Така, од почетокот на годинава вработените во поштата неколку дена штрајкуваа на повик на Verdi, кој бара зголемување на платите за 15 отсто.