Бектеши: Граѓаните преку анкета ќе утврдат како ќе се креираат наредните мерки

Мерките и активностите што ги презема Министерството за економија за поддршка на домаќинствата и компаниите за справување со енергетската и економската криза и подобрување на животниот стандард на граѓаните, беа тема на разговор на денешниот работен состанок на министерот за економија Крешник Бектеши со претставници од Националниот демократски институт (НДИ).

На состанокот, на кој присуствуваа вишиот резидентен директор на НДИ Роберт Скот Хејзлет и програмскиот офицер Насер Бислими, е договорено во наредниот период со поддршка на НДИ да се спроведе анкета и истражување на национално ниво за потребите и очекувањата на граѓаните и потрошувачите за економската ситуација во земјава, пред се за инфлацијата, растот на цените и трошоците за живот.

Резултатите од спроведената анализа, како што информираат од Кабинетот на Бектеши, ќе бидат искористени од Министерството за економија и Владата за креирање на нов пакет мерки за граѓаните.

-Министерството за економија секогаш ќе го слуша гласот на граѓаните, а согласно резултатите од анализата и мислењето на граѓаните ќе се дизајнираат мерките за поддршка кои ќе се донесат после 30 април годинава, рекол Бектеши на состанокот.