Цените на нафтата се задржаа над 85 долари на меѓународните пазари во четвртокот во попладневното тргување, балансирајќи меѓу сигналите за обилното снабдување во САД и очекувањата за закрепнување на кинеската побарувачка.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладне беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 85,38 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 78,66 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во средата барел од кошницата референтна нафта на нејзините членки поевтинил за 1,38 долари, на 84,37 долари.
Таг за цените беше скокот на залихите на нафта во САД минатата седмица, за дури 16,3 милиони барели, на највисокото ниво од јуни 2021 година, но главно поради прилагодувањата на податоците, се вели во владиниот извештај во Вашингтон.
Противтежа на зголемувањето на залихите во САД, пак, беа прогнозите за закрепнување на кинеската побарувачка, што поттикна пооптимистичко расположение на пазарите.
Кина ќе сочинува речиси половина од растот на глобалната побарувачка на нафта оваа година, по ублажувањето на строгите епидемиолошките мерки за сузбивање на Covid-19, прогнозираше во средата Меѓународната агенција за енергија (IEА).
Слична прогноза објави и OPEC, која поради очекуваното закрепнување во Кина ја зголеми процената за растот на глобалната побарувачка на нафта годонава.
Во исто време, пазарот внимателно го следи производството во Русија. Пријавениот извоз на руска нафта паднал за само 160.000 барели дневно во јануари во однос на предвоените нивоа во Украина, но ќе биде намален за околу милион барели дневно до крајот на првиот квартал, прогнозираа во IAE.
„Цените на нафтата се многу нестабилни во моментов, трговците мора да опфатат многу нешта“, напиша аналитичарот на OANDA, Крег Ирлам, наведувајќи го најавеното намалување на Русија за 500.000 барели дневно во март, закрепнувањето на Кина и несигурната перспектива за глобалната економија.