МАЛМЕД издаде одобрение за увоз на лекот „трикафта“ за осумте пациенти со најкритична состојба

Интервентниот увоз на лекот „трикафта“ наменет за осумте пациенти со цистична фиброза кои се во најкритична состојба официјално е одобрен и од Агенцијата за лекови МАЛМЕД.

Ова во изјава за МИА го потврдил директорот на Агенцијата, Љирим Шабани, кој истакнал оти се завршени сите процедури за одобрување на увозот на лекот. Останува уште постапката да се реализира.

Потребната количина од лекот кој ќе биде увезен ќе биде наменет за осумте пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, а чија состојба во моментов е најкритична. Другите пациенти со оваа дијагноза, пак, потребната терапија ќе можат да ја добијат откако ќе се спроведат потребните законски измени кои на државата ќе ѝ овозможат лекот „трикафта“ да го набавува по пониска цена и директно од производителот.

Во петокот Владата информира дека се дефинирани предлог-законските измени кои ќе овозможат олеснета набавка на лекови, меѓу кои и лекот „трикафта“ за чија итна набавка изминатиов период во неколку наврати апелираа болните од цистична фиброза.
Доколку предложените законски измени бидат усвоени и од Собранието, државата ќе може во директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија за пациентите кои боледуваат од цистична фиброза, но и сите лекови од овој тип.