Заврши расправата за разрешувањето на министерот Алити, но дополнително ќе се гласа

Собранието вечерва го заврши претресот по предлогот за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити. Гласањето ќе биде дополнително закажано.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски најави дека 104-тата седница ќе продолжи во 20:30 часот со расправа за разрешувањето на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи за која се пријавени 39 пратеници.

Попладневниот дел од денешното продолжение на седницата помина во дебати и обвинувања за хакерскиот напад врз Фондот за здравство и врз другите државни институции наместо да се расправа за разрешувањето на министерот Алити.

Како што посочија пратениците од опозицијата има две можности зошто се прават хакерските напади – или хакерите разбрале дека од власта воопшто не знаат да го заштитат системот и им бараат пари за да им ги вратат податоците или власта намерно ги брише базите на податоци со нејзините криминали. Во реплики, пак, пратениците од владејачкото мнозинство посочија дека ВМРО-ДПМНЕ постојано блокира и потсетија се што правеле кога биле на власт.

Владата беше обвинета од опозицијата дека не ги следи извештаите од државните институции. Како што посочи Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Владата била навреме предупредена од Државниот завод за ревизија дека има слабост во функционирањето на ИТ системот на Фондот за здравствено осигурување.

-Доколку го виделе ревизорскиот извештај немаше да имаме вакви проблеми како што сега имаме, рече Милошоски.

Од опозицијата го обвинија и премиерот Димитар Ковачевски дека на собраниската седница чита книги со слушалки на уши и воопшто не ги слуша пратениците што говорат. Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ дури рече дека е и полош од неговиот претходник Зоран Заев.

-Многу внимателно ве слушам сите кога зборувате. Ме испровоцираа за реплика неколку работи кои ги слушнав во текот на денешната расправа. За она што се случува во Фондот за здравство вчера во интервју за МИА им се заблагодарив на сите ИТ инженери кои 24 часа работат на справување со овој проблем кој произлегува од хибриден напад што се случува во ФЗО. Исти такви хибридни напади се случуваа и во други институции и се случуваат и во други земи членки на НАТО и земји членки на ЕУ во соседството и пошироко. Тие луѓе кои работат на отстранување на овој проблем денес успеаја да го решат најголемиот дел од проблемот и веќе почна исплатата на боледувањата и другите обврски на ФЗО и на 30-тина клиники почна исплатата на сите други редовни исплати. Сите лаги кои беа изнесени дека базите на податоци биле ставени во опасност и дека таму никој ништо не работи се покажаа како неточни, рече Ковачевски од собраниската говорница.

Кога сакате да навредувате некого тоа е ваше право, рече Ковачевски, но, не можете да кажете изјава која тој не ја кажал.

-Секогаш со највисоко ниво на почит сум се однесувал кон сите пратеници и кон сите пратенички во Собранието и се што сум имал да кажам сум го кажувал од оваа говорница, потенцира Ковачевски.

Расправата за разрешување на министерот Алити почна во петокот, откако во четвртокот вечерта заврши дебатата за разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали.