Германско разузнавање: Путин не е за преговори, сака воена победа

Речиси една година од почетокот на руската инвазија на Украина, водството во Москва не покажува знаци дека е отворено за преговори за ставање крај на конфликтот, а рускиот претседател Владимир Путин сака да стави крај на војната на бојното поле, оценуваат германските разузнавачи.

„Нема индиции дека Путин е подготвен да се постигне мировен договор“, изјави шефот на германската надворешна разузнавачка служба BND, Бруно Кал, во средата за германската медиумска група Redaktionsnetzwerk Deutschland (RND).

Путин сега е заинтересиран да стави крај на конфликтот „на бојното поле и да стекне што е можно поголема предност таму за да потоа можеби диктира мировен договор според неговите услови во одреден момент во иднината“, рече шефот на германското разузнавање.

Русија започна делумна инвазија, којашто ја нарекува „специјална воена операција“ на Украина на 24-ти февруари минатата година, тврдејќи дека со неа ја спречува наводно планираната за март офанзива на украинската војска чија цел била етничко чистење и геноцид на руското население во југоисточната област Донбас.

Кал истакна дека Русија е способна да испрати многу повеќе војници на фронтот. Од 300.000 војници кои Москва ги мобилизираше есента минатата година, некои сè уште се на обука, додека други се веќе испратени во првите редови, тврди германскиот разузнавач.

„Русија има натамошен мобилизациски потенцијал до милион луѓе, доколку Кремљ смета дека е потребно“, изјави шефот на германската разузнавачка служба.

И покрај бројната предност на Русија, Украина сепак може многу ефикасно да се брани од силите на Москва, смета Кал.

„Но, ова е тешка борба на долг рок и ќе биде успешна на украинската страна само ако навистина се одржи поддршката од Западот“, додаде тој.

Руските војници успеаја да го спречат ненадејното напредување на Украинците.

Кал ја опиша тековната состојба на бојното поле како рововска војна – „многу сурова, брутална војна на трошење“.