Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Западот ќе продолжи да ја поддржува Украина се додека е потребно, но не би било „паметно“ за Киев да го користи оружјето кое го добива за да ја нападне руската територија, објави Reutersс.
Во интервју за германскиот јавен сервис ZDF, Шолц рече дека испраќањето авиони во Украина за борба „моментално нема логика“.
Неговата изјава доаѓа ден откако во средата заменикот британски министер за одбрана Џејмс Хип дека Велика Британија нема намера во скоро време да ѝ испорача на Украина модерни борбени авиони според НАТО стандардите, бидејќи не сака да ризикува тајните производствени технологии да дојдат до руските стручњаци и не сака да испраќа свои граѓани во воената зона да ги сервисираат тие летала.
Покрај тоа, Киев бара и ракети со долг дострел за кои тврди дека му се потребни за напади врз цели на црноморскиот полуостров Крим кој од 2014 година се присоеидни на Русија.
На почетокот на месецот Германија одобри испраќање тенкови „Leopard 2“ во Украина, но сега ги критикува сојузниците кои се повлекуваат од првичните ветувања и калкулираат со бројката која ќе му ја испорачаат на Киев.
Минатата среда германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека и покрај првичните процени, сојузниците од „тенковската коалиција“ во прв момент ќе може да ја поддржат Украина со половина баталјон од модернизираната верзија на тенковите „Leopard 2 A6“ и баталјон од верзијата Leopard 2 A4“, а според германската бројност на таквата тенковска формација тоа би можело да изнесува до 90 тенкови, односно 60 во украинската. Подоцна германската влада прецизираше дека тоа треба да се сфати од аспект на земјата од каде се предаваат тенковите.
Изминатиот викенд британски Time објави дека Украина до почетокот на април може да се надева на само 50 тенкови од западно производство.