Наставата е во комплетен прекин. Дојавите за бомби достигнаа бројка од 45 училишта. Родителите на основците револтирани од неспособноста на Владата, секојдневно ги напуштаат работните места за да си ги приберат децата и да ги остават сами дома за да продолжат со онлајн настава. Онлајн настава нема, Тимсот паднал. Оној Тимс кој требаше да го користат децата уште во Корона кризата, имало проблеми со лиценцата. Толку од дигитализацијата, рече на денешната прес-конференција Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Родителите на социјалните мрежи се организираат да протестираат под мотото “Доста со експерименти со нашите деца”. МВР молчи, МОН молчи“, нагласи Јаневска и додаде:
„Почитувани, 4 години во Македонија образованието е во колапс. Штетата е трајна и ненадоместлива. Децата ја плаќаат цената на неспособноста на Владата. Овие деца еден ден ќе треба да ја носат на свој грб државата, нашата татковина. Но, очигледно Владата тоа не ја интересира. Таа со денови се реконструира.
Го повикувам МВР да си ја работи работата и да ги обезбеди училиштата 24 часа и неспособноста да не ја затскрива со изјавата дека сме во хибридна војна. Го повикувам и МОН под итно да изнајде начин да се надокнади пропуштеното додека се уште има барем малку време“.
Таа рече дека е најдобро веднаш да се распишат избори и да се смени власта, зато што во државава настава нема, ама и леб нема.