Науката издаде „последно предупредување“ за климатската криза

Науката издаде „последно предупредување“ за климатската криза, бидејќи зголемените емисии на стакленички гасови го туркаат светот на работ на непоправлива штета што само брза и драстична акција може да ја спречи.

Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), составен од водечките светски научници за климата, денеска го објави последниот дел од својот шести Извештај за климатските промени. За овој сеопфатен преглед на човековото знаење за климатската криза, на стотици научници им требаа осум години и тој е долг илјадници страници. Но, сѐ се сведува на една порака – дејствувајте сега или ќе биде предоцна.

-Овој извештај е јасен повик за масовно забрзување на климатските напори од секоја земја, и секој сектор и во секоја временска рамка. На нашиот свет му треба климатска акција на сите фронтови – „сѐ, секаде, одеднаш“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

На разбирлив јазик, ИПЦЦ го претстави уништувањето што веќе им е нанесено на големи делови од светот. Екстремните временски услови предизвикани од климатските нерправилноти доведоа до зголемени смртни случаи, засилени топлотни бранови, милиони изгубени животи и домови уништени во суши и поплави, милиони луѓе кои се соочуваат со глад и сѐ повеќе неповратни загуби во виталните екосистеми.

Последниот дел од документот, наречен „Извештај на синтезата“ е последната ваква проценка додека светот сѐ уште има шанса да го ограничи порастот на светските температури, засега на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа. Сѐ над тој праг, според наводите, е климатска штета што брзо станува неповратна.

-Овој извештај е дефинитивно последното предупредување за оние 1,5 степени. Ако владите се држат до нивните сегашни политики, преостанатиот пресметан јаглерод ќе се потроши пред следниот Извештај на ИПЦЦ (во 2030 година, б.п.), рече Каиса Коснен, стручњак за клима во „Гринпис интернејшнл“.

Повеќе од три милијарди луѓе веќе живеат во областите кои се „многу ранливи“ на климатските промени, откри ИПЦЦ. А, половина од светското население се соочува со сериозен недостиг на вода барем дел од годината. Во многу подрачја, предупредува Извештајот, веќе ја достигнуваме границата до каде може да се прилагодиме на таквите тешки промени, при што временските екстреми „сѐ повеќе го поттикнуваат раселувањето“ на луѓето во Африка, Азија, Северна, Средна и Јужна Америка, како и во јужниот Пацифик.

Сепак, сѐ уште постои надеж дека надминувањето ќе остане во рамките на 1,5 Целзиусови степени, според извештајот.

– Овој Извештај на синтезата ја нагласува итноста за преземање поамбициозни активности и покажува дека ако дејствуваме сега, сѐ уште може да обезбедиме одржлива иднина за живот за сите, изјави Хоесунг Ли, претседавач на ИПЦЦ.

Температурите сега се околу 1,1 Целзиусов степен над прединдустриските нивоа. Доколку испуштањето стакленички гасови накоро достигнат максимум и ако следи брзо намалување наредниве години, сепак е можно да се избегне најлошото уништување што би следело по пораст од над 1,5 степени.

-Секое избегнато затоплување благодарение на колективните активности извлечени од нашата растечка, сѐ поделотворна група алатки е помалку лоша вест за општествата и екосистемите од кои сите зависиме, истакна Ричард Ален, професор по Климатски науки на Универзитетот на Рединг.

Гутереш ги повика владите да преземат драстични мерки за намалување на штетните гасови со вложување во обновливи извори на енергија и технологија со ниско ниво на јаглерод. Тој нагласи дека богатите земји мора да се обидат да постигнат нето нула емисии на стакленички гасови „што е можно пред 2040 година“, наместо да го чекаат крајниот рок до 2050 година.