Белата куќа: Кина треба да ја поттикне Русија да ја прекине инвазијата на Украина

Доколку Кина сака да игра конструктивна улога во Украина, нејзиниот претседател Кси Џинпинг треба да ја повика Русија да ја прекине инвазијата на Украина, изјави во вторникот портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

По дводневните разговори во Москва, Кси и рускиот претседател Владимир Путин изразија топли зборови за пријателство меѓу Кина и Русија и споделија критики за Западот, но без знаци за дипломатски пробив во врска со Украина.

Кирби, исто така, рече дека САД не сакаат да видат прекин на огнот во Украина, бидејќи тоа ќе ѝ овозможи на Русија да ги задржи своите територијални придобивки и би му дозволило на Путин да ги прегрупира своите сили.

„Примирјето во моментов, замрзнувањето на линиите таму каде што се, во основа му дава време и простор што му се потребни за да се обиде повторно да се опреми, да пополни со жива сила, за да го надомести трошењето на ресурсите“, тврдеше Кирби.

Претходно на заедничката прес-конференција во Москва по завршувањето на дводневните разговори, во врска со војната во Украина, Путин го пофали Кси за мировниот план што го предложи минатиот месец и ги обвини Киев и Западот за негово отфрлање. Кси, пак, одвај го спомна конфликтот, велејќи дека Кина има „непристрасна позиција“ за тоа прашање.

Путин повтори во вторникот дека не гледа оти украинските власти се подготвени да најдат решение за судирот во Украина врз основа на мировниот план што го предложи Кина.

„Сметаме дека многу елементи од мировниот план кој го предложи Кина… може да послужат како основа за мирно решавање (на судирот), кога оние на Западот и во Киев ќе бидат подготвени на тоа. Меѓутоа, засега не гледаме таква подготвеност на нивната страна“, рече Путин по разговорите со кинескиот претседател Кси Џинпинг во Москва.