Исламската верска заедница како една од значајните институции во земјата којашто го артикулира духовниот и општествениот живот на верниците од муслиманска вероисповед, за жал, во минатото беше неколкупати споменувана како сцена на турбуленции и пресметки и остварувања лични, но и политички амбиции, а постојат сигнали дека, како и воопшто во актуелното наше општество, се пројавуваат различни амбиции коишто ги оптоваруваат односите кои се рефлектираат и надвор од институциите.
По контроверзиите и мачните сцени коишто пред повеќе години ги следеше јавноста во самата и во непосредното опкружувања на ИВЗ, се чинеше дека конечно оваа институција влезе во еден спокоен период на извршување на својата основна функција, откако кон крајот на ноември челникот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, беше избран за претседател на оваа институција на изборите. Тогаш членовите на Ријасетот на ИВЗ гласаа за двајца кандидати, Фетаху кој доби огромни 18 гласови и муфтијата на Тетово, Ќани Несими за кого имаше 3 гласа. По одржаните избори, Фетаху порача „денеска е голем ден за сите муслимани во земјата и за нејзините граѓани“.
„ИВЗ на Република Северна Македонија денеска победи. Сите победивме. Победи духовното, моралното, човечкото и конструктивното. Од денеска ни е дадена доверба со голема одговорност да го претставиме исламот и неговите изворни вредности и традиционалниот дух. Со цел оваа опција да го претстави духот на Алаховиот збор, мирот, толеранцијата и соработката, со сите да биде конструктивен и креативен субјект во нашето општество и пошироко, нашето патување ќе биде знаење, консултација, траспарентност и во служба кон секој верник и граѓанин на ова општество. Ќе изградиме современа заедница која успешно ќе одговори на предизвиците на современото време“, рече Фетаху во обраќањето.
Меѓутоа, за жал, се чини дека периодот на спокојно работењето на заедницата е повторно пред предизвик. Имено, во некои медиуми изминатиот период се појавија одредени написи а до редакцијата на НетПрес изминатиот период пристигнаа одредени прашања од читатели верници кои поставуваат извесни проблеми во однос на начинот на функционирање на Исламската верска заедница. Редакцијата на НатПрес во очекување на одговори во интерес на читателите и, секако, во интерес на благосостојбата на заедницата, со цел да се расчистат дилемите кај читателите или евентуалните недоразбирања, преку електронска пошта ги испрати прашањата до ИВЗ, и телефонски контактираше со претставниците на институцијата. Но и по повеќе од две недели, одговорите изостанаа.
Едно од прашањата е упатено до Реисот, г-дин Шахир Фетаху, се однесува на неговото наводно „силно полициско обезбедување“, односно интересот на јавноста е причината за тоа: дали станува збор за закани кон личноста на Реисот, и познато ли е од кого се тие и од каков карактер. Заинтересираните граѓани, додаваат и дека според позицијата во ИВЗ, на г-дин Фетаху не му следува службено полициско обезбедување, а исто така прашуваат дали за тоа е известен Ријасетот на ИВЗ, и зашто не се информирaат верниците и јавноста кои се причините.
Натаму, се наведува дека според статусот на ИВЗ, Ријасетот кој е статутарно и уставно највисок орган на ИВЗ, во членот 36 од уставот е предвидено да се одржуваат редовни седници најмалку еднаш месечно. Но, како што се истакнува во дописите „во однос кон Вас имало обвинувања за самоволие при водење на институцијата и тврдење дека за целата 2021 година биле одржани само 3 (три) седници, а изминатата 2022 година само 2 (две) седници на Ријасетот. При што се губи кредибилитетот и добиениот легитимитет на поглаварот“.
Понатаму има забелешки и се истакнува дека според правилникот за финансиско работење на ИВЗ, дека на Реисот „не Ви се дозволува да потпишувате платен налог на износ од над 10.000 (десет илјади) евра“, па се поставува прашањето дали во оваа смисла во Ријасетот имаат забелешки.
Се наведува и дека во март годинава Реисот г-дин Фетаху навршува 64 години, со што се исполнува условите за заминување во пензија, па се поставува прашањето кога ќе ја одржи последната седница по којашто ќе се повлече од функцијата?! Нашите извори потенцираат дека во ИВЗ во моментов „постои голем суфицит од кадар и нема незаменливи, како и дека за евентуално продолжување на мандатот на поглаварот Фетаху потребна е поддршка од мнозинството на членовите на Ријасетот“. „Па оттаму се поставува прашањето дали по крајот на месецов ќе се повлечете од функцијата, како и дали тоа може да води кон полемики и недоразбирањата и тензии во самата ИВЗ и да дојде до несакани ситуации?“, е едно од прашањата.
Инаку, според отворени извори, г-дин Шаќир Фетаху е роден во април 1959 година во гостиварското село Чегране. Средното училиште го завршил во 1980 година во медресата (верското училиште) „Алаудин“ во Приштина, а потоа студиите ги продолжил нао Факултетот за исламски науки во Сараево, Босна и Херцеговина, каде што успешно ги завршил во 1984 година. А од таму, пак, кај дел од верниците се јавиле во минатото и шпекулации за наводно врбување како соработник на поранешните југословенски тајни служби „што Фетаху и ИВЗ никогаш овие гласини не ги демантираа“.
Дописот, исто така, содржи тврдење чијашто веродостојност баравме да биде коментирана, а дека во кругови во и блиски на ИВЗ наводно циркулирала неофицијална информација дека спрема Реисот била наводно подготвена кривична пријава во Основното јавно обвинителство (ОЈО Скопје), за наводна злоупотреба на службената положба и овластувања. Притоа се конкретизира дека „во октомври 2021 година биле одржани избори за членови на Собранието на ИВЗ како правно-финансиски орган на ИВЗ, а дури во ноември 2022 година било дозволено свикување конститутивна седница на собранието и таа да се одржи ексклузивно во Кондово, на која спротивно на уставот и правилникот за работа на собранието претседавал член на Ријасетот на ИВЗ, чијшто брат наводно е поранешен командант на ОНА од Тетово, подоцна министер од редовите на партијата ДУИ и поранешен претседател на Советот на Општина Тетово“.
Со тоа, како што се додава во дописот, се создал впечатокот дека станува збор за одреден вид предупредување и закана, затоа што според нив цела година не им било дозволено свикување на седница на собранието, откако избрал претседател на собрание извесен референт за студентски прашања вработен во ФИН, близок на г-дин Фетаху кој на 6-ти декември 2022 година свикал седница на собранието и е донесена одлука за усвојување на буџетот на ИВЗ токму за 2022 година, односна сте свикале седница за утврдување на финансиската конструкција на институцијата дури на самиот крај од тековната година. Тоа подразбира дека целата мината 2022 година, ценат заинтересираните, Вие сте дејствувале самоволно и во поглед на финансиите. Исто така, се прашуваат до каде е остварувањето на „дадениот збор дека веднаш по Вашиот избор 2020 вие јавно пред сите членови на Ријасетот сте искажале дека ќе донесете 7 милиона евра од арапски емирати донација за нормално функционирање на ИВЗ, како и прашањето каде се близу 5 милиони евра што Владата на поранешниот премиер Зоран Заев ѝ ги има дадено на ИВЗ по основа на денационализација на вакуфските имоти“.
На крајот, се споменуваат и наводни информации за чести патувања на генералниот секретар Ирсал Јакупи во Бугарија со службено возило на Исламската верска заедница. Оттаму се бара одговор на прашањето кои се причините и целите на тие патувања, дали се од службен или приватен карактер, како и за идентитетот на сопатникот за кој се тврди дека не е вработен во ИВЗ.
Читателите поставуваат прашање до г-дин Фетаху дали воопшто има контрола и налози каде се упатуваат и се движат службените возила сопственост на ИВЗ и кој ги управува.
Со цел јавноста да биде правилно информирана, за исклучување на сите дилеми, а во прв ред избегнување нови тензии во самата заедница, очекувавме одговори, коишто, да повториме за жал, изостанаа. Сепак, целокупната домашна јавност е заинтересирана за задржување на спокојот меѓу верниците и пошироко во општеството, и се надеваме дека актуелното водство на ИВЗ ќе успее да ги надмине евентуалните недоразбирања со цел да се продолжи мирното функционирање на институцијата.